Германија се спрема за војна


Денко Малески

Читам денес: Германскиот министер за одбрана Борис Писториус во интервју за телевизиската станица ЗДФ изјави дека Германија и нејзините вооружени сили мора да бидат „подготвени за војна“. Тој смета дека постои опасност од конфликт во Европа и додаде дека „мора да се навикнеме на идејата дека во Европа може да има опасност од војна“. После седумдесет години мир во кој нашиот континент, под безбедносниот чадор на Америка, ја развиваше идејата за европската зона на демократски држави кои не војуваат, се враќаме на азбуката на меѓународната политика која почнува со констатацијата дека војната е вечниот придружник на човештвото. Таму на азбуката, треба да се вратат и моите студенти, сега на чело на невладини организации или како дел од државните структури кои побрзаа да направат една комотна и профитна идеологија од европската идеја. Имено, како и претставници на многу генерации претходно, и тие поверуваа во „вечниот мир“, кој, кога луѓето се во прашање, го има само на гробишта. Со години следам како со затворањето на книгите за испит, го затворија својот ум кон универзалните вистини на старите мајстори на политичката мисла сметајќи ги за нерелевантни за модерните времиња. Ќе ви кажат се за ЕУ и за нивните резолуции ама не и за првите редови од книгаата Меѓународна политика која гласи: „Библиското предание за убиството на Каин на сопствениот брат Авел е древна илустрација за човековата моќ да уништи. Способноста за деструкција добива во својата силина кога човекот се здружува со други луѓе, формирајќи ги разните заедници на човековиот род. Кулминација на ваквата човекова разурнувачка моќ претставува заедницата наречена современа држава. Овој европски изум на 17 век, ги маѓепсува луѓето од целиот свет, па така, во еден непрекинат од, до денешни дни, државите ја прекриваат целата површина на нашава планета Земја. Овие политички ентитети кои, по дефиниција, не признаваат власт повисока од сопствената и се сметаат себеси за единствен арбитер на сопственото поведение, катадневно се исправени пред една судбинска дилема – војна или мир.“
Денес, германскиот министер за одбрана ја скрши на парчиња идеологијата за „вечен мир“ во Европа која самите ние си ја измисливме.Таа идеологија, како некогаш „социјализмот како светски процес“, мораше да отстапи пред фактите на реалниот живот, какви што се агресијата на Русија врз Украина или настаните на Блискиот Исток кои се закануваат да го запалат целиот свет. И токму денес во посета на нашата држава е Урсула фон дер Лајен, некогашната министерка за одбрана на Германија која, во својство на претседател на европската комисија, не убедува дека е паметно да се засолниме во Унијата (која, според зборовите на нејзиниот наследник, треба да се подготвува за војна), а чии златни времиња веќе ги пропуштивме.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close