Грчки медиуми: По Силјановска Давкова, и Мицкоски го користи оспореното име

„Идниот премиер на Северна Македонија ја следи линијата на претседателката во однос на Договорот од Преспа. Првиот човек на ВМРО со жесток националистички говор, ќе ги користел термините „Македонија“ и придавката „македонски“ – пишуваат грчките медиуми откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека никој нема да му забрани да ја нарекува државата Македонија бидејќи тоа било негово човеково право.

„Во согласност со новиот претседател на државата, Гордана Силијановска, и првиот човек на ВМРО и следен премиер на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, се однесува исто кон Договорот од Преспа. Со жесток националистички говор, Христијан Мицкоски – по повод враќањето на ВМРО на власт – изнесе слични предизвикувачки ставови како оние на претседателката на државата, тврдејќи меѓу другото дека го почитува Уставот на земјата, но неговото основно човеково право е да ја нарекува државата како што сака“, пишуваат грчките медиуми.

Мицкоски во денешната изјава посочи дека не се прекршувал Догворот од Нивици со користењето на старото име на државата.

„Ги користам термините „Македонија“ и придавката „македонски“ затоа што, според нашето толкување на Договорот од Преспа, нема никакво прекршување. Ако мислат (вклучително и во Грција) дека сме го прекршиле Договорот од Преспа, таму е Меѓународниот суд на правдата, можат да почнат процес, па таму ќе ги изнесеме двата аргументи. Не би сакал тоа да се случи. Барам добрососедски и пријателски односи“, рече Мицкоски.

Тој повика на пријателски односи со Грција и побара „да нема повеќе закани, пречки и враќање во минатото, туку двете страни да гледаат кон иднината“. Тој рече и дека наскоро очекува средба со грчкиот премиер. Во тој контекст, сепак, истакна дека Северна Македонија целосно го имплементирала Договорот од Преспа, „за разлика од нашиот јужен сосед, кој не ги ни ратификувал трите предвидени меморандуми“.

Се потсетува дека пред неколку дена, и покрај меѓународните реакции, новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Силијановска, преку нејзината прес-служба инсистираше дека има „право да го користи името Македонија“, пишуваат грчките медиуми.

Back to top button
Close