Груби: Ковачевски вети, a Ахмети ќе каже кој албанец ќе биде премиер. Јас немам амбиции

На прашањето дали тој ќе биде првиот премиер Албанец, Груби рече дека нема таква амбиција и дека сака народот да го памети по реализацијата на коридорите 8 и 10-д, за патот Скопје-Блаце, за врската Приштина-Скопје-Тирана

Артан Груби вели дека Северна Македонија ќе има премиер Албанец, а за тоа има согласност и од актуелниот претседател на Владата и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Во коалицискиот договор од 2020 година меѓу СДСМ и ДУИ, потпишан од Зоран Заев и Али Ахмети, се наведува дека во последните 100 дена од Владата премиер да биде личност од албанска националност.

„Во коалицискиот договор што го имаме постигнато со Зоран Заев стои во последните 100 дена тој да ја напушти Владата и да биде заменет со албански премиер. Ова го напишавме и го потпишавме, а излезе и Заев и рече дека првпат ќе имаме премиер Албанец“ рече Груби во синоќешното гостување на косовската телевизија „Дукаѓини“.

Според него, договорот сè уште важи и дека ова е ветено и од актуелниот премиер Димитар Ковачевски.

„Ковачевски на првата средба пред да биде избран, на која беше и Зоран Заев и други, вети дека ќе важи истиот договор што беше постигнат со Ахмети и се ракувавме. Тој рече дека во последните 100 дена, кој и да е, ќе ја напушти функцијата, а Албанец или Албанка ќе биде премиер“рече тој.

Тој вели дека во 2020 година смислиле модерна кампања, која одекнала во Приштина и Тирана, а во која се вели дека е дојдено време за првиот албански премиер.

„Ова е проект на Али Ахмети за да ги урне табуата. Дојде време да се надминат предрасудите со изборот на албански премиер“рече Груби.

Според него, Али Ахмети ќе биде тој што ќе го предложи албанскиот премиер и сигурен е дека нема да погреши во изборот.

На прашањето дали тој ќе биде првиот премиер Албанец, Груби рече дека нема таква амбиција и дека сака народот да го памети по реализацијата на коридорите 8 и 10-д, за патот Скопје-Блаце, за врската Приштина-Скопје-Тирана.

„Сакам да го задржам ова и тоа да ми биде потпис на крајот, се разбира со амин на Али Ахмети бидејќи тој ни ја даде оваа можност да го реализираме овој проект“рече Груби.

Изјавите на Груби доаѓаат еден ден откако и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој како координатор на партијата во Чаир на партиски собир најави дека за неколку месеци Албанец ќе биде премиер, што беше протолкувано дека и ДУИ е за предвремени избори имајќи предвид дека редовниот термин за парламентарни избори е идната година.

Но, сега со изјавата на Груби дека Албанец ќе биде премиер во последните 100 дена од мандатот на оваа Влада се демантираат претпоставките во политичката јавност за одржување предвремени избори.

Back to top button
Close