Холанѓаните се од најдобрите соговорници во светската политика

Настаните во македонската политика од последниве неколку денови се само исечок од едно сценарио кое би можело да трае со години: нестабилни владини коалиции кои траат кратко и паѓаат по воља на еден или двајца пратеници.Во Франција таквата состојба траеше од крајот на Втората светска војна до доаѓањето на Де Гол на власт во 1958 година, кога опстанокот на владата зависеше од минорни партии а нивниот просечен век беше осум месеци. И можеби ќе продолжеше така ако разединетата политичка сцена не доведе до парализа на процесот на носење одлуки токму во време кога на земјата и беа најпотребни. Поразот на француските колонијални војски кај Диен Биен Фу во Виетнам и борбата на отпорот во Алжир наложија напуштање на колонијализмот, но фрагментираната француска политика не беше дорасната на задачата. Внатрешната политичка криза ескалираше до точката кога се очекуваше државен удар на војската и соборување на демократски избраната власт некадарна да носи големи одлуки. Тогаш француското собрание побара помош од еден човек кој уште во 1946 укажа дека новиот устав на четвртата француска република ќе произведе криза, генералот Шарл Де Гол. Соочен со бунт во војската и изложен на бројни обиди за атентат,  генералот опстојува на својата визија за политички систем кој ќе биде способен да носи одлуки од животно значење за Франција. Ова е позната лекција од меѓународните односи. Сите кои ја апсолвирале знаат дека настаните во македонската политика од последниве неколку денови се само исечок од едно сценарио кое би можело да трае со години: нестабилни владини коалиции кои траат кратко и зависат од вољата на минорни партии или на еден или двајца пратеници. Минус македонски Де Гол кој е тешко замислив во едно мултиетничко плурално општество какво што е нашето.

Марк Руте е премиер на земја која беше домаќин на првите сесии на Конференцијата за Југославија кога еден спрат од нивното министерство за надворешни работи им беше отстапен на скараните водачи на поранешните југословенски републики. Беа фантастични домаќини загрижени за мирот во Југославија, неспоредливо повеќе од националистичките водачи. Вие Холаѓаните сте од најдоброто што сум го сретнал во меѓународните односи, му велам на Ник Бигман, колега од ОН и подоцна претставник на НАТО во Македонија. Знаеш, не има секакви, ми вели тој. Сепак останувам на тврдењето дека политичарите и дипломатите од Холандија се од најдоброто што сум имал можност да сретнам во меѓународната политика. И покрај, да ја наречам, националната траума која ја доживеаа со поведението на нивните војници во Сребреница, Холанѓаните не се откажуваат од својот дел на одговорноста за мирот на Балканот. Од помалку доблесни луѓе, човек би очекувал никогаш повеќе да не сакаат да не погледнат. Но, тие се свесни за опасностите од лошите сценарија на Балканот и се обидуваат да го сторат она што им диктира нивната совест и нивниот интерес за мир во Европа. Нема сомнение, холандскиот премиер е дојден  да му даде поддршка на премиерот Зоран Заев и на коалицијата која води проевроатлантска политика, во неизвесни времиња за македонската држава. Свесен е дека да се растури нешто во политиките на државите на Балканот е најлесната работа на светот, но да се состави е најтешката. Што значи ова? Дека сме осудени на вечно владеење на коалицијата СДСМ-ДУИ? Не. Значи само дека опозициските партии кои сакаат да состават влада треба уште да работат на себе пред да ја добијат безрезервната поддршка на Западот. Има премногу непознаници во нивното поведение кои ги плашат западните политичари. Истите непознаници кои не плашат и нас дома околу Охридскиот договор, Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и меѓуетничките односи. Не, не е доволно со половина уста да ги одобрувате, за да ја добиете поддршката на нашите сојузници во НАТО  и ЕУ. Па што, ние сме суверена држава и нема што некој од надвор да ни кажува што да правиме. Ова беше најчесто употребуваната фраза на дипломатите и политичарите на земјите од Африка и од Азија во ОН, кои имаа најмалку реален суверенитет.

Денко Малески

Back to top button
Close