Игор Гиевски е главен во истрагата за земјиштето во Делчево: Пријавено како подарок, а на ЕВН е продадено за 1,5 милион евра

Игор Гиевски, управител на „ЕВН Македонија Електрани“ е главниот осомничен во истрагата за ЕВН поради која минатата недела се правеа претреси по домови на лица во Скопје и Делчево, пренесе „А1он“. Се работи за продажба на земјоделско земјиште во Делчево, а во истрагата во оваа фаза се вклучени неколку државни институции. Според информации на „А1он“, Гиевски заедно со уште петмина, од кои тројца се физички лица, а двајца вработени во ЕВН, земјиште кое прикажале дека го добиле како подарок, неколку дена потоа, го продале за 1,5 милион евра на ЕВН.

„А1он“ исконтактира со управителот Игор Гиевски. Оваа купопродажна зделка ја истражуваат повеќе државни институции, кои во изминатиот период имаат издадено низа наредби за обезбедување на докази. Обвинителството, започнува и со вештачење на одземените уреди, по претресите направени изминатите денови.

„Не би коментирал сега ништо“, рече Гиевски на прашањето од „А1он“ дали и кај него е направен претрес, по што додаде: „Немаме никаква информација.

За се друго што ве интересира имаме официјален портпарол. Нема таква информација, се што е дојдено е преку фирмата, така што, немам што да ви додадам“ на прашањето дали против него се води предистрага, истрага. На прашањето дали има поврзаност со земјиштето кое е предмет на скапа продажба во Делчево Гиевски вели: „Не би коментирал“.

Од ЕВН за „А1он“ потврдиле дека има истрага за набавките на земјиштето.

 

повеќе

Back to top button
Close