Илузија, превртена перцепција, за господинот Мито и госпоѓата-другарка Корупција!?
Во ноември, минатата година, во ФБ – групата “Стари скопјани”, еден, очигледно, добронамерен стар мајтапчија, постираше краток текст, со фотографии од мексиканскиот парламент. Во неколку пози, пратеникот Антонио Гарсија Конехо се соблекува во парламентот и вели: „Се срамите да ме гледате гол, но не се срамите да ги гледате вашите луѓе на улиците голи, боси, очајни, невработени и гладни затоа што им го украдовте целото богатство, но пред се иднината”.

Имаше доста коментари: од “респект” и “браво”, преку “кај нас треба да се соблечат сите до еден, без интимната облека” (демек-појаки сме од Мексиканците!), до – “те нели се соблече Катица Јанева”!?
За мене беше најак мајтапчијата со Катица Јанева.
На оваа “направија” се присетив по изјавата на нашиот вице – премиер конкретно задолжен за борба против корупција (уште тогаш “ме сјаде забот” – зошто при толку антикорупциски тела, уште и министер!?),ама,нејсе: ако премиерот почувствувал дека има потреба од таква “направија”, нека ја биде!!!
Зошто, досетката за Катица Јанева беше, според мене, најсилна како порака? Затоа што упатува на заклучокот дека корупцијата е системски вгнездена во највисоките ешалони и тоа токму кај најповиканите, најзадолжените, најдебело платените – да не штитат од корупција и криминал.
Затоа што е “дибидус” слика за превртената логика, односно, ПРЕВРТЕНАТА ПЕРЦЕПЦИЈА, (што би рекол вицепремиерот задолжен на надгледување на господинот Мито и госпоѓата – другарка Корупција!), толку чести миња од македонските матични книги!
Дојдоа дивите-нека се пакуваат питомите!?
Новинарката скриена зад високата диоптрија, ја прашува првата македонска антикорупционерка со убавото охридско име: дали се наљутила, што владата (опростите ДУИ-џискиот дел во неа!) и ја лапнала зградата која им била ветувана на антикорупционерите?
-Па не се налутивме, се разочаравме, резигнирана одговара таа.
А како и нема да се разочарате, кога бахатиот ем Грубиот, сега, од истата зграда ви препраќа, “антикорупционери” кои со децении беа корумпирани до коска, а сега ќе бркаат корупција! Не само што од нив аир нема да видите, туку и целата ДКСК нема да види аир и бел ден, затоа што и вие кои по нешто работевте, сега нема и тоа да го работите. Не затоа што не сакате, туку затоа што ќе немате време. Сега, дополнително, ви ги врзаа рацете – ќе треба да им држите часови на почетиниците, кои појма немаат од таа работа!!!
Пред Ковидов во Охрид беше обичај масовно да се оди на визита. Ама, ако ги изземеме овие “новомакедонците – првоар(а)мијци!”, со палати и дневни соби-стадиони, другите и не можеа да примат дваесетина гости одеднаш. Затоа порано дојдедните велеа: време е ние дивите да станеме, за да направиме место на питомиве!?
Мене не ме чуди што вицепремиерот – антикорупционер даде превртена изјава после катастрофалниот извештај на транспаренси интернешнал за корупцијата: “назадувањето на земјава е поради перцепцијата на граѓаните кои сега живеат во послободна држава со послободни медиуми”!!!
Ме чуди што заборавил на генијалната изјава на лицето Б. Ц, од 1998 година, кога “душманите” не поразија до под колена: “народот е во право и кога греши”! Па, ДОБРО, и не треба, можеби, да ме чуди – има тука една олеснителна околност за него – тој беше тогаш млад. Ама навистина ме чуди, на тоа да реагираат само “тугите”, а не и “нашите”.
Како тоа “нашите” да не можат никогаш да видат дека, “царот Тројан, сепак има козји уши!”. Освен “ако није нам узор!”, другарот Мао!?
На времето, тој ја препливуваше “мајката хранителка “, реката Јан Це. Семожен лидер! Оние, бодигардите како батко Бојко, пливале на десет до дваесет метри, зад ВОДАЧОТ, а водата била СОВРШЕНО СЛАТКА!
Нишање на возот (втор дел)!
Пред “само” една деценија, ја објавив “Рани спомени”. Сакајќи да го ислустрирам начинот на делувањето на “најмакедонците” – војводите од ДПМНЕ, се послужив со метафората на рускиот автор Бориев. Една одломка беше насловена: “ВМРО ДПМНЕ, или нишање на возот!”.
Имено Бориев (Јуриј) опишува сцена на движење на композиција, воз со дваесетина купеа и, да речеме, 500 патници. Знаете веќе – за секое купе, има патници!
Метафората е позајмена од делото “Сталинада” каде се објаснува духот на владеењето на советските лидери, а која одлично ми легна:
Возот патува кон посветла иднина управуван од ДРУГАРОТ Ленин. Наеднаш стоп! Шините завршуваат! Ленин наредува Советите да работаат и во сабота. Шините се поставени и возот поага.
Сега веќе управуван од ДРУГАРОТ Сталин. Одново железниот пат се прекинува.Сталин наредува да бидат стрелани половината од патниците и кондуктерите, додека останатите, закрепнети, поставуваат нови шини. Возот тргнува.
Сталин е заменет со Хрушчов. Откако патот пак завршува, тој наредува да се демонтораат шините што останале одзади и да се преместат пред локомотивата!
На местото на Хрушчов доага Брежњев. Кога патот повторно се прекинува, Брежњев наредува да се спуштат завесите на купињата, половината од патниците да се симнат. Да се поделат во две групи – едната напред, другата позади, те да ги нишааат вагоните. Оние што се внатре, патниците, да мислат, да имаат илузија (извини бате Љубе – да имаат ПЕРЦЕПЦИЈА!) дека возот, сепак, се движи, дека продолжува напред, СО СЕКОЈ НОВ ДЕН – КОН НОВА ПОБЕДА И ПОСВЕТЛА ИДНИНА!!!(Крај)
Веле Митаноски






