(ИЗБОР) Албански медиуми: На повидок нови докази за аферата Мекгонигал; САД бара мерки за партиите во Албанија што купуваат гласови

Во фокусот на медиумите во Албанија денеска покрај предизборната кампања, се наоѓа и најавата од поранешен кандидат за американскиот Сенат дека ќе објави докази против поранешниот шеф на контраразузнавањето на ФБИ, Чарлс Мекгонигал. Денеска во Република Косово престојува Специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот Косово-Србија, Мирослав Лајчак, кој имаше средба со косовскиот премиер Курти.

Во продолжение е изборот на редакцијата на ЦИВИЛ Медиа од албанските медиуми во регионот, за денешното издание на АЛ-ПРЕС.

 

АЛБАНИЈА

Сури: Се проширува аферата Мекгонигал / Американски политичар: Ќе објавам нови докази за предавство и корупција

„Еверет Стерн, поранешен кандидат за американскиот Сенат и директор за разузнавање во приватната разузнавачка агенција „Тактички зајак“ во САД, најави дека ќе објави повеќе штетни докази против поранешниот шеф на контраразузнавањето на ФБИ, Чарлс Мекгонигал.

 

Според Инсајдер, Мекгонигал е обвинет за перење пари и кршење на американските закони за санкции, откако наводно му помагал на рускиот олигарх Олег Дерипаска.“, пренесе Сури.

 

Визион Плус – Јури Ким: Да се преземат мерки против партиите кои купуваат гласови

 

„Американската амбасадорка во Тирана, Јури Ким, даде јасна порака до органите на прогонот, да ги казнат сите политички субјекти кои ќе ги купат гласовите на граѓаните на локалните избори на 14 мај.“, пренесе Визион Плус.

 

КОСОВО

РВТ 21 – Лајчак по средбата со Курти: Има или нормализација или конфликт

„Можеме да имаме или нормализација или конфликт. Секако дека сакаме целосно да се фокусираме на нормализацијата, затоа сакаме да избегнеме каква било ескалација, тоа не е во ничиј интерес“, изјави Специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот Косово-Србија, Мирослав Лајчак за медиумите, по денешната средба со косовскиот премиер Албин Курти, пренесе РТВ 21.

 

Зери: Србија продолжува да го прекршува договорот, и се заблагодари на Унгарија што гласаше против Косово во Советот на Европа

„Србија уште еднаш го прекрши договорот постигнат во Брисел со Косово, каде страните се договорија меѓусебно да не се попречуваат во пристапувањето кон меѓународните организации.

 

Неодамна министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ при посетата на Унгарија му се заблагодари на својот колега Петер Сијарто за односот на Унгарија кон барањето на Косово за членство во Советот на Европа.

 

Министерот за надворешни работи Дачиќ во име на својот народ се заблагодари за последниот став во врска со барањето на Косово за членство во Советот на Европа“, се вели во твитот од Министерството за надворешни работи на Србија.“, пренесе Зери.

 

Бота Прес – Фон Крамон: Одлуката на Владата за експропријации во Лепосавиќ и Зубин Поток е неприфатлива, ситуацијата е кревка

Известувачката за Косово во Европскиот парламент, Виола фон Крамон, ја нарече „неприфатлива“ одлуката на Владата за експропријација на недвижен имот во општина Лепосавиќ и Зубин Поток.

 

 

„Ова е една од моите главни грижи во моментов бидејќи гледаме дека стабилноста на север, ако можеме така да ја наречеме, е многу кревка. Не може да биде во наш интерес да има повеќе оган во овој процес. Дефинитивно ќе се справиме со ова“ – додаде таа понатаму.

 

 

Косовската влада денеска донесе прелиминарна одлука за експропријација за јавен интерес на недвижен имот кои се неопходни за реализација на „Инфраструктурни проекти од јавен интерес“, во општина Лепосавиќ и општина Зубин Поток.“, пренесува Бота Прес.

 

КОЛУМНА

Економиа Онлајн: Миграцијата нема да запре, ние мора да се прилагодиме!

„Веројатно не треба да се поларизираме, но треба да видиме како да го искористиме најдоброто од ситуацијата. Особено политичарите не треба да се обидуваат да профитираат бидејќи нивните политики се причина за миграцијата. Ние мора да го разбереме овој слој, да им помогнеме на нив и на себе, да ги поддржиме и разбереме. Миграцијата не може да се контролира со зборови. Имаме задача, да видиме како да ги трансформираме денешните мигранти во идни инвеститори, а во меѓувреме да инвестираме и да се развиваме во ИКТ секторот за да ги искористиме моментумот и ситуацијата.“, пишува авторот Шенол Мухареми во колумната „Миграцијата нема да запре, ние мора да се прилагодиме!“, објавена во Економиа Онлајн.

Извор: Цивил

Back to top button
Close