Израел нападна ирански воени локации

Израелската војска изврши, како што соопшти, „прецизни напади“ во Иран во приближно четиричасовна операција во раните утрински часови, пренесе ДПА.

Иран навести дека ќе возврати, но не кажа како, кога и во каква форма. Според првичните извештаи на иранските медиуми штетата наводно била ограничена. Државната телевизија јави дека звуците од експлозии во западниот дел на главниот град Техеран биле предизвикани од системи за противвоздушна одбрана, но тие не може да се потврдат.

Првично нема официјални информации од двете страни за жртви или материјална штета.

Нападите на Израел врз ирански цели се сметаат за одмазда за нападот на Иран врз Израел на 1 октомври, во кој тој лансираше речиси 200 балистички ракети против еврејската држава.

Израел соопшти дека ги почнал нападите затоа што владата на Иран – и нејзините полномошници – „немилосрдно го напаѓаат Израел“ откако палестинската исламистичка група Хамас изврши терористички напад на Израел на 7 октомври минатата година. Напаѓачите убија околу 1.200 луѓе во Израел, зедоа околу 250 заложници и ја почнаа сегашната војна меѓу Израел и Хамас.

Нападите беа на седум фронтови – вклучително и директно од Иран, соопштија израелските одбранбени сили (ИДФ) во објава на Телеграм.

Израел не само што се бори против Хамас во Газа, туку и на својот северен фронт со милицијата Хезболах поддржана од Иран, која го нападна Израел еден ден по нападот на Хамас во знак на солидарност со Хамас. Хутите во Јемен поддржани од Иран исто така го нападнаа Израел.

– Како и секоја друга суверена нација во светот, државата Израел има право и должност да одговори, нагласи ИДФ на Телеграм

Back to top button
Close