Каде се кријат руските шпиони во Македонија?

Контурите на меѓународната политика по завршувањето на војната во Украина веќе се назираат. Западот, кому му припаѓаме и ние, ќе се врати на старата политика на containment (ограничување) на руското влијание во рамките на руската држава. Како таа ќе изгледа територијално, допрва ќе дознаеме. Се разбора, под претпоставка да не дојде до реализирање на нуклеарната закана која, како бумеранг, му се врати на Путин.

Имено, сојузничкиот одговор на руската закана беше дека, без разлика на цената, Западот ќе ја поддржи Украина со оружје со кое би се поразила војската на агресорот. Откриен е и планот на сојузниците дека во случај на употреба на тактичко нукллеарно оружје во Украина, Америка ќе интервенира со конвенционално оружје, уништувајќи ги воените сили на руската армија на територијата на Украина. Кажано е и дека НАТО сојузот нема да посегне по нуклеарно оружје, па одлуката останува на Путин. Такви,страшни , се дилемите на меѓународната политика: мора да се ризикува нуклеарна војна за да се избегне таквата војна.

Во таа застрашувачка сфера на човековото живеење, слабоста секогаш била покана за агресија. Линиите на одбрана и напад во оваа војна, веќе се исцртани. Одговорот на Америка на руската уцена со употреба на нуклеарно оружје е дека тоа е глупост, зашто би значела крај на човештвото, ама дека е спремна и на таква војна.

Каде е нашата држава во оваа приказна? Не треба да бркаме шпиони по улици за да докажеме дека постои руско влијание во Македонија. Да се сведе тоа влијание на протерани дипломати од земјата, значи да не се рабере ситуацијата во која е државата. Новата геополитика е основниот извор на руското влијание секаде во светот, па и во Македонија. Ние, членките на НАТО, сме, безмалку во војна со Русија.Се врати и логиката на Студената војна кога она што беше добро за едниот блок беше лошо за другиот. Ако за двата сојузи, НАТО и ЕУ, е добро пријателство меѓу Македонија и Бугарија и брзо членство на Македонија во ЕУ, за Русија тоа е лошо. Да се слабее сојузот на демократските држави е од егзистенцијална важност на автократскиот режим во Москва. Да се слабее автократскиот режим во Москва е од егзистенцијално значење за демократските држави.What they do, you undo (Она што тие ќе го направат, растурете го), е пораката до дипломатите. Како? Како што ќе овозможат условите. Во бројните меѓународни организации ќе гласате против нив. Дома, ако дел од населението е проруски настроено, тоа треба да се негува на секој можен начин.

Ако цената на популарноста е дистанцирање од Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија, вреди да се плати. Ако треба, ќе се праќаат мешани сигнали од Москва за подршка и на Македонија и на Бугарија за историските теми, но никако и поддршка во нивното надминување. И не треба да бркаме руски шпиони по улици за да докажеме руско влијание во Македонија. Се се врти околу моќта и влијанието во меѓународната политика.

Денко Малески

Back to top button
Close