Како работи демократијата

Покренатата истрага поради класифицираните документи на Џо Бајден покажува како функционира независното судство во вистинска демократија. Тоа изгледа дури и незамисливо за нас.

Џо Бајден е среде бура и откритието дека неовластено поседувал класифицирани документи од времето кога беше потпретседател во администрацијата на Барак ОбамаЏо Бајден е среде бура и откритието дека неовластено поседувал класифицирани документи од времето кога беше потпретседател во администрацијата на Барак Обама

Џо Бајден е среде бура и откритието дека неовластено поседувал класифицирани документи од времето кога беше потпретседател во администрацијата на Барак ОбамаФотографија: Andrew Harnik/AP Photo/picture alliance

Во четвртокот, на една тркалезна маса за иднината на Македонија во ЕУ, вториот човек на амабасадата на САД во земјава, Ерик Мејер, беше за една нијанса поостар од постојаните укажувања на Вашингтон околу тоа како треба да владее правото и дека е потребна вистинска, а не камуфлирана борба против корупцијата. „Лидерството на Северна Македонија е тоа кое што треба да ги направи потребните реформи, не се тоа странските амбасади. Институциите и судството мора да функционираат независно и транспарентно, а тие не го прават тоа сега… Ние ќе направиме сè што е можно корумпираните актери да одговараат и нашата влада има алатки да го направи тоа. Но, ние не сме крајната власт во борбата против корупцијата… Едноставно кажано, корупцијата ја труе иднината на Северна Македонија“, рече Мејер.

Една од клучните работи е дали некој вистински ги слуша овие вистински пораки – од врвните политичари, преку судиите и обвинителите, до обичниот човек. Се разбира, буквално пораките се слушаат, но дали се дослушуваат? И дали ова општество научено да функционира со превезот на корупцијата во сите негови сегменти знае да живее поинаку. Ако тој коруптивен амалгам влегол во генот на граѓанинот, изгледа дека ќе биде потребна херкуловска битка да се промени оваа ДНК. За да може да се оди напред не во некој силен развој на демократијата, туку во нејзиното подносливо функционирање.

Зборовите на дипломатот Мејер, како и другите предупредувања, американски и европски, за некого може да делуваат како своевидно „попување“. Но понатаму ќе ви претставиме како работи американската демократија и тоа токму во денот кога Мејер зборуваше во Скопје. И дали е тоа воопшто можеме да го замислиме, кога е јасно дека е невозможно да го спроведеме.

Во јадрото на бурата е претседателот Џо Бајден и откритието дека неовластено поседувал класифицирани документиод времето кога беше потпретседател во администрацијата на Барак Обама. Првото откритие беше објавено пред една недела, кога Бајден беше на пат на трилатералниот самит во Мексико. Но она што се случуваше во четвртокот (12.01) беше своевиден час по демократија. Не е можеби идеален, но е многу илустративен.

Во четвртокот утрината Бајден одговараше пред новинарите за најновиот развој на настаните – пронајдените нови класифицирани документи во гаражата на неговиот дом во Вилмингтон, Делавер, веднаш до вредниот автомобил „корвета“.

Бајден рече дека документите откриени во неговиот дом ќе бидат предадени на Министерството за правда. „Мојот адвокат прегледа и други места каде што се чуваа документи од моето време како потпретседател и тие го завршија прегледот синоќа“, рече тој. „Тие открија мал број документи со класифицирани ознаки во складовите и шкафовите за датотеки во мојот дом и мојата лична библиотека. Тоа беше направено во случајот со Центарот ‘Пен Бајден’ во Вашингтон. Веднаш беше известено Министерството за правда, а адвокатите се договорија Министерството за правда да ги поседува документите“.

„Класифициран материјал, веднаш до вашата ‘корвета’ – што мислите за тоа?“, праша еден новинар.

Бајден рече дека документите биле во заклучена гаража, „не седеле на улица“. „Луѓето знаат дека сериозно ги сфаќам доверливите материјали“, рече тој и нагласи дека целосно соработува со истрагата.

На таа прес-конференција како последно прашање, кога излегуваше од собата, му беше поставено тоа за здравјето на неговата сопруга Џил, која беше оперирана од рак на кожата, па Бајден се врати назад. Џил Бајден неодамна беше подложена на операција за отстранување на канцерогените лезии на кожата од лицето и градите, а Бајден рече дека се опоравува и е „навистина добро“. Тој рече дека операцијата траела пет часа и дека ракот сега има 0-1% шанси да се врати.

Потоа работата премина во рацете на јавниот обвинител Мерик Гарланд, кој во американскиот систем ја извршува и функцијата министер за правда. Тој беше поставен од Бајден на таа функција. Има неспорен углед во судските и научните кругови и една непријатна епизода, кога Барак Обама го предложи за судија во Врховниот суд, но републиканското мнозинство во Сенатот го блокираше.

Гарланд во една прилично некомфорна ситуација за него одлучи да именува специјален советник кој ќе ги истражува класифицираните документи и како дошло тие да се најдат во гаражата во Вилмингтон и во некои шкафови во Центарот „Пен Бајден“.

За специјален советник беше назначен Роберт Хур, поранешен јавен обвинител, поставен на тоа место во времето на Доналд Трамп. Специјален советник е независен обвинител поставен од Министерството за правда во случај кога има потенцијален конфликт на интереси. Роберт Хур ќе ги има сите овластувања на американски обвинител – што значи дека може да испрати судски покани и да поднесе кривична пријава.

Неговата работа ќе биде да истражува – и потенцијално да го гони – секој кој можеби лошо ракувал со доверливи документи. Тој, исто така, може да истражува секој кој се меша во неговата истрага преку злосторства, вклучувајќи лажно сведочење, попречување на правдата, уништување докази и заплашување на сведоци. Специјалниот советник може да бара и проширување на неговата надлежност и не е надгледуван на дневна основа.

Хур беше беше федерален обвинител за округот Мериленд од 2018 до 2021 година. Работел на случаите за националната безбедност, измами и сајбер криминал. Тој е партнер во адвокатската фирма „Гибсон, Дан и Крачер“ во Вашингтон.

Хур ќе започне со работа на случајот во наредните денови. Во изјавата, Хур рече дека ќе ја спроведе истрагата „со правична и непристрасна проценка. Имам намера да ги следам фактите брзо и темелно, без страв или наклонетост, и ќе ја почитувам довербата во мене за извршување на оваа задача“, рече тој.

Мерик Гарланд ја претстави временската рамка како дошло до откривањето на класифицираните документи.

На 4 ноември 2022 година вечерта, Националната архивска канцеларија на генералниот инспектор контактирала со обвинител во Министерството за правда. Таа го информираше дека Белата куќа го известила Архивот оти документи со ознаки за класификација се идентификувани во канцеларијата на Центарот за дипломатија и глобален ангажман „Пен Бајден“ лоциран во Вашингтон. Таа канцеларија не била овластена за чување на доверливи документи. Обвинителот бил информиран и дека тие документи биле обезбедени во објект во Архивот.

На 9 ноември 2022 година ФБИ започна со проценка околу стандардните протоколи за да се открие дали со доверливите информации било погрешно постапувано и дали бил прекршен федералниот закон.

На 14 ноември 2022 Гарланд го задолжил јавниот обвинител Џон Лауш да спроведе првична истрага и да го информира дали е потребно именување на специјален советник. „Го избрав да ја спроведе првичната истрага, бидејќи бев убеден дека неговото искуство ќе гарантира оти тоа ќе биде направено професионално и експедитивно“, рече Гарланд.

20 декември 2022 година: Личниот советник на претседателот Бајден го информирал Лауш дека дополнителни документи со доверливи ознаки се идентификувани во гаражата на приватната резиденција на претседателот во Вилмингтон, Делавер. Советникот на Бајден го информирал Лауш дека тие документи се меѓу другите записи од периодот на службата на Бајден како потпретседател. ФБИ отиде на локацијата и ги обезбеди тие документи.

5 јануари 2023 година: Лауш го информираше Гарланд за резултатите од неговата првична истрага и советуваше дека е потребна понатамошна истрага од страна на специјален советник. „Врз основа на првичната истрага на г-дин Лауш, заклучив дека, според прописите за специјалниот совет, во јавен интерес е да се назначи специјален советник“, рече Гарланд.

Во деновите потоа, додека Лауш ја продолжи истрагата, Министерството го идентификуваше Хур како предлог за назначување за специјален советник.

„Силно верувам дека нормалните процеси на овој департмент можат да се справат со сите истраги со интегритет. Но, вонредните околности овде бараат назначување специјален советник за ова прашање. Ова назначување ја нагласува за јавноста посветеноста на департментот и за независност и отчетност во особено чувствителни прашања и за донесување одлуки неспорно водени само од фактите и законот“, рече министерот Гарланд.

Веднаш се јави и државниот секретар Ентони Блинкен преку неговиот портпарол Нед Прајс. Прајс изјави дека Блинкен бил „изненаден“ кога дознал за доверливи документи откриени во Центарот „Пен Бајден“, каде Блинкен претходно работел. „Ова е прашање што се истражува и се разгледува од Министерството за правда“.

Спикерот на Претставничкиот дом, републиканецот Кевин Мекарти го повика Конгресот да го истражи Џо Бајден. Мекарти го обвини Бајден за лицемерие, укажувајќи на истрагата на Министерството за правда на поранешниот претседател Доналд Трамп за наводно лошо постапување со доверливи досиеја. Мекарти, исто така, ги обвини демократите дека се обидуваат да „имаат различни стандарди за сопствените верувања“, наведувајќи го фактот дека првиот сет на досиеја биле пронајдени во ноември – пред среднорочните избори.

Сега има два специјални советници назначени од министерот Гарланд – еден за класифицираните документи откриени во резиденцијата на Доналд Трамп, Мар-а-Лаго, а вториот за Бајден. Според достапните информации во американските медиуми, има 10 класифицирани документи на Бајден и околу 300 на Трамп, кои биле специјално изнесувани кога тој ја напушташе Белата куќа. Правните експерти тврдат дека постојат остри разлики меѓу случаите. Претресот на имотот наТрамп беше кулминација на неколкумесечните односи меѓу владата и претставниците на Трамп, кои постојано се спротивставуваа на обидите за враќање на исчезнатите документи. Во случајот на Бајден, неговите соработници сами го информирале Националниот архив дека пронашле нешто класифицирано.

Се разбира, Трамп ја искористи веста за да ја поткопа истрагата за неговите постапки.

„Готово е“, рече Трамп во интервјуто со конзервативниот радио водител Марк Левин во четвртокот навечер. „Кога сите овие документи почнаа да излегуваат и Бајден ги имаше, тоа навистина го промени тонот и интензитетот што ми го правеа затоа што не направив ништо лошо. Она што тие го направија е лошо“.

Има уште безброј детали, кои и не се толку важни за македонската јавност. Но вртоглавите настани од изминативе два дена ја покажуваат суштината на она што американските претставници овде и оние што доаѓаат го зборуваат – за непристрасни истраги и дигнитет на судството. Прашањето за тоа како овие класифицирани документи пронајдени во гаражата покрај амблематичната „корвета“ ќе му ги загорчат наредните две години на претседателот Џо Бајден се дел од политиката, која е многу пожестока и попартиска од македонската. Но независното судство… тоа е темелот на американската демократија.А кај нас? Тоа е живиот песок во кој пропаѓа македонската демократија.

Љупчо Поповски

Извор: Дв

Back to top button
Close