Камчев до Груевски: „Ај, со здравје!

Никола Груевски падна од власт заради стотиците објавени автентични разговори во кои неговото владеење се демаскира како комплетно заробување на државата за политичките и материјалните интереси на врхушката на власт што тој ја предводеше. Тие разговори, покрај познатиот политички епилог, добија и добиваат судски завршници со кои се потврдуваат обвиненијата на СЈО, иако за правосилните судски пресуди во повеќе од предметите ќе причекаме уште некоја година.

Сега, пак, истиот тој Груевски со методот на „жолтите комбиња“ – за кои самиот апсеше – се обидува „од дистанца“ да ги дискредитира сведоците и соучесниците низ кривичните процеси против него, за да „докаже“ дека само тој е невин: ги снима сите со кои од Будимпешта телефонски разговара (е, таа „библиотека“ би било драгоцено да се добие), а веројатно го снимаат и тие него, па, според моментната потреба, „протекуваат“ снимки по интернет, ама сега тие не се „сечени, лепени, монтирани“, туку строго веродостојни и се нудат како валидни судски докази за морално-политичко и правно „оцрнување“ на опонентите, за потребите на одбраната.

 

А, од ланскиот февруари (кога, наводно, се одвивале двата тукушто објавени разговори меѓу Камчев и Груевски), до овој април, низ матен Вардар има протечено вода колку за цела една кривично-правна „енергетска“ сезона! Којзнае уште колку снимки би можеле да се извадат со вербални пресврти што ќе „потврдат“ какви сакате тврдења. Кој вели дека содржините на тие снимки не се однапред договарани, координирани, аранжирани и режирани? Можеби се снимани во четвртокот, лепени и сечени во петокот, за да се пуштат во сабота… Некако, дијалогот многу таксативно оди по точките од обвинувањата, а и по исказите на сите кои сведочеа, а биле долгогодишни, најблиски имотно-правни соработници на Грујо.

И какви се, впрочем, тие „доверливи“ телефонски комуникации во кои, меѓу морално распаднатите соговорници, никој никому ништо не му верува, меѓусебно се лажат и се озборуваат како тетки на чешма? Само во едно се согласни, дека се „наместени“ од обвинителството и судот, и тоа од истите оние правораздавачи со чија сесрдна помош самите со години местеа и судеа стотици невини луѓе, за да разграбат имоти и да елиминираат бизнис и политички противници кои можеа да им ја загрозат власта на начинот на кој тие ја практикуваа. Телефонскиот „осврт“ на зачудениот и скандализиран Груевски, во овие два објавени разговори, за состојбите во македонското правосудство (Камчев, во вториот разговор: „И таа е избрана судијка у наше време!… Шо да ти кажам!“) се како да доаѓаат од некоја невина чесна сестра чиј манастир со години бил претворен во бордел, ама таа од што по цел ден била зафатена со богобојазливи молитви, крстења и палење кандила, не успеала на време да сфати што се случува.

Што бо рекле Србите: „Ко о чему, курве о поштењу!“

 

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close