Која е Марта Кос – новата комесарка за проширување?

Изборот на Урсула фон дер Лајен за нов комесар одговорен за политиката на проширување падна на Словенката Марта Кос. Марта Кос има 59 години и богата дипломатска кариера. Од 2013 до 2017 Марта Кос беше словенечка амбасадорка во Германија, а од 2017 до 2020 во Швајцарија .

Нејзината политичка кариера започна по враќањето од Швајцарија кога се придружува на Движењето за слобода, партијата на премиерот Голоб како една  од потпретседателите на оваа партија. Во 2022 се вклучи и во изборната трка за претседател но брзо потоа се откажа од неа.

Инаку Марта Кос е позната и како рекордерна југословенска и словенечка шампионка во пливање.

Студирала новинарство и се приклучила на спортскиот оддел на РТВСло, а подоцна се преселила во Германија каде што работела за Дојче веле и како дописник од Бон за РТВСло почнувајќи од 1993 година. Од 1997 до 1999 година, беше директорка на словенечката владина канцеларија за информации и портпаролка на владата.

Кариерата на Марта Кос беше проследена и со контроверзи. За време на нејзиниот амбасадорски мандат во Швајцарија беше обвинета за мобинг. Нејзините политички непријатели од десницата ја обвинуваат и дека била соработничка на тајните служби во времето на СФРЈ. Оваа тема, велат познавачите на приликите во Словенија, се очекува да доминира за време на престојниот хиринг во Европскиот парлемент кога пратеници на десницата ќе постават прашања за овие шпекулации.

Фон дер Лајен на оваа позиција ја преферираше актуелната шефица на словенечката дипломатија, Тања Фајон, од социјалдемократската партија но со тоа не се согласи премиерот Роберт Голоб кој сака на комесарската функција да има човек од неговата партија.

Борјан Јовановски

Back to top button
Close