Коце Трајановски за „Бехтел и Енка“: Нормално е да прифатиме нешто за што е донесен специјален закон
Сосема е нормално нешто што е договорено ние да го прифатиме, со оглед на тоа што беше донесен специјален закон во парламентот, а дадени се и големи пари за „Бехтел и Енка“, вели директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Влеговме во финансиска обврска и сметавме дека е подобро да се преиспитаме дали може проектот да го ставиме на брза лента, да не плаќаме пенали, да се ангажира „Бехтел и Енка“ со целокупната нивна машинерија за да се заврши овој проект и видливи се резултати во последните три месеци, додаде Трајановски за изненадувачкото прифаќање на ВМРО-ДПМНЕ на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10-д, откако претходно од опозиција беа жестоки критичари на договорот и на начинот на кој тој беше потпишан.Директорот на ЈПДП вели дека овој проект е еден од најважните во земјава, а критиките на сегашната власт, тогашна опозиција, биле по неколку основи – од фактот дека зад овој договор не стои ниту една банка, до плаќањето пенали кон „Бехтел и Енка“ оти од претходната влада не бил испочитуван шестмесечниот рок за реализирање на обврските кои ги презела државата, како што се експропријација и деминирање.
„Сосема е нормално нешто што е договорено ние за да го прифатиме со оглед на тоа што беше донесен специјален закон во парламентот на Република Македонија, дадени се големи пари за ’Бехтел и Енка’, некаде 227 милиони евра за аванс, подготовка, пред да дојдам за директор. Сепак, влеговме во една финансиска обврска и сметаме дека е подобро да се преиспитаме дали може проектот да го ставиме на брза лента, да не плаќаме пенали, да се ангажира ’Бехтел и Енка’ со целокупната нивна машинерија за да се заврши овој проект и видливи се резултатите во последните три месеци“, рече Трајановски.