Крајот го краси или го гнаси делото?

ТВ дуелот на главните претенденти за мандатари на идната влада, ако внимателно го анализиравте, неминовно ќе ја исцрта точната слика на понудите. Очигледни се, имено, дијаметрални разлики во перцепцијата на нашата иднина, како и во однос на тоа во каква држава сакаме да живееме.

Страотни разлики се тоа, мили мои.

Иднина наспроти магловити тралалајќи.

Не постојат дури ни адекватни квалитативни параметри врз основа на кои овие две визии би можеле воопшто да се споредуваат. Просто, како да треба да споредуваме напумпан балон со автопат, на пример.

Немогуќе!

Особено, комични беа празните фрази на лидерот на ВМРО ДПМНЕ со тенденцниозна употреба на термини како “шокантно” или “шокиран сум” демек е затечен и узневерен?! Потоа следуваа и ред на инверзни проекции дека неговиот соговорник: “се нервира” .. па, фразите “не се нервирајте”, ” не се вознемирувајте”, ” гледам цупкате”, како глумачки асесоар понуди ад хоминем упади единствено употребени во отсуство на фактичко спорење со тезите на Димитар (кои, ако забележавте : кај Кристијан ги имаше снемано) освен, мора да му се признае, дека единствен “аргумент” што го понуди е оној за “желбите на народот” ( при што, народот се само Македонците?!).

Да не зборувам за најсрамната реченица, кога кажа “имам пријатели Албанци”. Кое понижување упатено кон цел еден народ. Што е следно ? ” Имам пријател геј – Немам ништо против нив” ?!

Демек великодушниот Македонец, имал ете доблест да има пријатели Албанци.

Страва!

Овие театарче лево ќоше со инфантилни досетки, кој ли му ги посочил не знам, но сепак се ништо во споредба со игнорирањето на фактот од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека во едно демократско општество, токму Собранието е местото каде што во одреден период се носат и тешки и непопуларни одлуки (или, одлуки, кои не се баш во согласност со желбите на народот). Токму затоа ни требаат политичари со визија за иднината и со капацитет реално да ја проценат, пред се, глобалната политичката состојба и на тој начин со своето дејствување да ја постават државата на вистинскиот курс. Во спротивно без едно такво, храбро, дејствување можни се понатамошни неповолни импликации, не само “по желбите на народот” туку и по неговиот опстанок. Во тој контекст, убаво е што и самиот Мицковски повеќе пати ја потенцираше придобивката од нашето членство во ООН, па и неговиот соговорник Ковачевски, исто така, умно го потсети за отпорот кој тогаш произлезе од страна на ВМРО ДПМНЕ спрема нашето членство во ООН, т.е. кога ВМРО плукаше по приемот во ООН од привремената референца.

И денес, еве сведочиме дека и самиот Мицковски “се дичи” со членството во ООН ?!

Значи, сепак, некој донел тешки, но визионерски одлуки.

А каде беше ВМРО тогаш?!

Дали и тогаш мислевте дека не грешите или можеби имавте други визии?!? Како и сега ?!

Погрешните одлуки, всушност, имам впечаток дека го демнат ВМРО уште од времето на врховистите, а опашките од тогаш ги влече низ компромитираната негова митогенеза, која е целосно неурамнотежена со вредносните параметри на современоста.

Значи, од врховистите до денес ВМРО има проблем со вредносната самобитност, а оттаму, веројатно од тие фрустрации изгледа дека кај овој субјект се јавува таа ексцесивна потребата да се самодокажува на тема великомакедонски патриотизам.

Па така ВМРО беше контра ООН, контра ОРД.

Паролата “гасна комора за шиптари” е ваша лична историја, но наша голема колективна срамота!

Исто; контра Преспа, контра НАТО, контра ЕУ.

Какви македонци/патриоти сте штом го теравте сопствениот народ да не се попише ?

Но, ајде, популизмот да го оставиме настрана, па да погледнеме што е сериозен проблем сега и овде.

Прво, најиндикативната е пласираната идеја од лидерот Мицкоски дека сакаат да не вратат назад на преговарачка маса со Бугарија, во услови, кога ние веќе седиме намаса со ЕУ? И дали тоа значи дека на ВМРО, Бугарија му е побитна од ЕУ ?Хелоу, се чини дека “Вие изгледа не сте ја следеле баш, политиката во изминатиот период”.

Второ, нема ништо спорно дека дека нашиот пат секогаш бил тежок, но факт е дека тој пат мора да се изоди на начин што е најприфатлив и со најмалку штета по народот во кој се колнетe, а битните придобивки кои ќе ги почувствуваат сите, еве гледаме опипливи и денес, независно од сите ваши контри. На идните генерации, едноставно , мора да им се создадат услови за достоен живот. Овде. Тоа Ви го укажа Ковачевски, со многу прецизна експликација. Политички аргументирана и одржлива концепција за нашата ЕУ интеграција.

Трето, и сега како и во минатото, на сите овие планини кои на свој грб ги носеле различни влади, се сеќаваме, дека вашето политичко дејствување било ништо повеќе од само еден “дополнителен” терет. Се криете позади некава ваша идентификација со народот, но, дали Вие го прашавте народот кога ја прифативте хашката амнестија??! Или тогаш за среќа, таа одлука беше директно поврзана со вашиот опстанок на власт па се спасивте сите несакајќи? Како тогаш ДУИ не Ви сметаше? Ајде богати, доста блефирање.

Четврто, уште позгрижувачки е што многу јасно преку својот лидер, ВМРО се изјасни дека е против Ветингот!

Замислете против сеопфатен ветинг ?

Се прашувам зошто?

Ветингот, е исто така една тешка но неминовна работа која треба да се заврши за да работите станат појасни, и воедно има сенародна подршка (нели народот ви е најважен, послушајте го!).

Петто, се изјаснивте дека сте и против санкциите од САД да станат основа за гонење во ОЈО… (ако не сте знаеле, ова исто во народот е со висока подршка).

Конечно, крајот го краси или го гнаси делото, па по три часовната дебата со својот опонент, при завршното обраќање кон граѓанството Мицкоски рече:

“однапред ви се извинувам, ќе бидете сведоци на многу невистини кои што нашиот политички противник ќе ги пласира; на многу креации; на многу монтажи, на многу работи што немаат никаква врска со вашата иднина, Ве молам да извините, затоа што ние како ВМРО-ДПМНЕ нема да бидеме заложници на таква кампања, едноставно сакаме да имаме позитивен пристап, едноставно сакаме да ги решаваме Вашите проблеми и проблемите на Македонија како држава”….

Каков flash back и директно навраќање на фамозниот прес на Груевски, кога излезе и најави дека низ државава шетаат жолти комбиња и дека во наредниот период ќе слушаме невистини, полувистини,… по што уследија бомбите…

Дали ова беше поврзано со протечениот документ што го објави Фурхан Салиу, или беше суштествен копи-пејст груевизам незнам, но, знам едно… ова извинување е многу симптоматично, за некој кој во извештаите на ЕК е заведен ширач на дезинформации. Штета, што Гоце испушти да праша дали ВМРО сака да живееме на остров на лажни вести и очигледен популизам?

Ана Чупеска

Back to top button
Close