Лисиче

Трифун Костовски

Почитувани читатели, инспирација за денешната колумна ми е Лисиче,  некогаш село, денес дел од Општина Аеродром, култно место каде те пречекуваат со домаќинско мезе, а те испраќаат со полно срце.

Лисиче е дел од историјата на Скопје откога паметам, а тоа значи повеќе децении наназад.  Лисичани имале и имаат големо влијание врз развојот и животот на скопјани, а за тоа да не се свесни.

Иако се дел од Општина Аеродром во градот Скопје, тие за себе умеат достоинствено да кажат дека се лисичани, бидејќи по многу нешта во своето секојдневно живеење имаат  автентичен белег, кон кој секој човек треба да покаже почит.

Бев поканет на чорбест грав кај моите пријатели од Лисиче, Бозо, Ангел, Крапе во црквата Свети Петар и Павле.

Во сите урбани и селски населби има елементи кои му даваат специфичност на секојдневието. За Лисиче и лисичани тоа е токму црквата Свети Петар и Павле,   ремек- дело и одвнатре и однадвор кој  плени на прв поглед.

Зелениот двор на црквата е облагороден  со мали фонтани, а во нејзиниот средишен дел поставена е бина од каде секоја година во деновите пред 2 Август, Илинденската коњаница од Лисиче тргнува кон Крушево.

Мирот и спокојот кој владее во овој сакрален објект е волшебен.

Дочекани бевме од старешината на црквата Свети Петар и Павле, господинот Отец  Методија. Со моите пријатели ја прифативме поканата да го дегустираме секогаш вкусниот грав, како специјалитет на црквата каде бевме дочекани со вистински благослов. Пред ручекот направив една вообичаена обиколка околу целиот црковен имот. Замислете, оваа мала црква има повеќе од 20 казани за варење чорбест грав со месо, секој по 200 килограми ! Што  е најважно, сите овие казани се беспрекорно исчистени, складирани и спремни за нова употреба.

Користењето на овие казани е во текот на годината се случува два пати, кога сите Лисичани, а тоа се 360 семејства, доаѓаат во црквата да го вкусат гравот со свинско или овчо месо. На вакви настани присутни се многу гости.  Лично јас многу пати имав прилика да бидам дел од големите софри,  кои секогаш ги доживував како нешто достоинствено. Таква е и меѓусебната комуникација на гостите и домаќините.

Испраќањето на Илинденската коњаница во деновите меѓу 25 и 27 јули е традиција без исклучок. Зурли, тапани, играорни групи, музички бендови се дел од овој голем црковен настан на испраќање.
Токму коњаницата на Илинденците од Лисиче стана нивен препознатлив знак за почит кон нашата македонска држава и кон Илинденското востание кое  претставува синоним на непокор.

На самата софра пред почнување на  ручекот имаше молитва која ни ја испеа Отецот Методија. Бев импресиониран од убавите зборови на Отец Методија  и присутните лисичани упатени до мене за мојот придонес во изградбата на овој прекрасен духовен објект.

Историски гледано Лисиче и лисичани од секогаш се занимавале со земјоделие и сточарство и токму тој начин на егзистенција ги прави лисичани посебни и трудољубиви луѓе. Они се особено  големи и во моите очи бидејќи умеат  да почитуваат подарок даден од срце.

Вкусно подготвениот чорбест грав после искажаната молитва го заливме со чашка вино. Толку ни се допадна гравот што сите гости  замоливме да  однесеме малку од гравот и за дома, за да  го споделиме со нашите блиски.

Отец Методија, Орце-Бозо, Ангел, Крапе оставија силен впечаток во моите и очите на моите пријатели како вистински домаќини.

Четворицата лисичани се дел од црковниот одбор на црквата Свети Петар и Павле. Токму во оваа црква ја почувствував таа синергија меѓу свештеникот Методија, поставен како старешина во црквата од страна на МПЦ и црковниот одбор избран од 360 семејства поддржувачи и почитувачи на црквата во Лисиче.

Синергијата ќе остане меѓу овие две тела во црквата Свети Петар и Павле како аманет од минатото.
Им препорачувам на моите сограѓани од било која верска заедница да одат и да го посетат  овој сакрален објект каде ќе ја почувствуваат убавина како резултат на слога.

Back to top button
Close