Македонски рекорд во еверестинг постигнаа велосипедисти од клубот МТБ Исток од Кочани
Велосипедистите Панче Зафиров и Владо Симеонов од клубот МТБ Исток од Кочани постигнаа македонски рекорд во еверестинг, поминувајќи патека од 296 километри и висинска разлика од над десет илјади метри.
Релацијата што ја возеле од месноста Пашаџиково до локалитетот Аеродром кај рекреативниот центар Пониква на Осоговските Планини ја поминале за 19 часа и 19 минути, односно почнале рано наутро, а завршиле во ноќните часови.
– Еверестинг е веќе позната индивидуална велосипедска дисциплина во светот, а кај нас е сè уште малку застапена. Целта е на една иста патека да се повторува висинска разлика толку пати колку што е потребно да се достигне висината на Монт Еверест, односно 8.848 метри. Ние ја избравме оваа секција кон Пониква, а должината на патеката е 5,9 километри и висинска разлика од 410 метри. Притоа истата патека ја поминавме 25 пати и искачивме вкупна височина од 10.237 метри, односно ја надминавме височината на највисокиот врв во светот и дополнително ја возевме височината на Пониква. Досега рекордот во нашата земја го држеа двајца други велосипедисти, но тие имаа постигнато помала височина, истакна Панче Зафиров, велосипедист на МТБ Исток.
Освен остварувањето на предизвикот со велосипед да се достигне височината на Монт Еверест, мотив за двајцата кочански велосипедисти да успеат во намерата била и промоција на капацитетите на Осоговските Планини за развој на рекреативниот планински велосипедизам.