Макрон апелира да прекине прогонот на демонстрантите во Грузија
Претседателот на Франција, Емануел Макрон во денешниот телефонски разговор со грузискиот милијардер Биѕина Иванишвили повика на прекин на насилниот прогон на демонстрантите во Грузија.
Макрон го осуди заплашувањето на претставниците на граѓанското општество и опозицијата во Грузија и повика на ослободување на сите кои беа приведени на протестите.
Како што соопшти Елисејската палата, Макрон истакнал дека жали што Грузија „отстапила од својот европски курс“ и повика на дијалог помеѓу сите политички сили во земјата.
Иванишвили богатството го стекна во 90-тите години од минатиот век со трговија на метали и од телекомуникацискиот бизнис во Русија. Тој е основач на актуелната владејачка партија Грузиски сон, а од 2012 до 2013 година беше премиер на Грузија. Иванишвили поседува француски пасош, но се дистанцира од Западот. Тој важи за еден од највлијателните луѓе во Грузија.
Од крајот на ноември, илјадници луѓе демонстрираат во Тбилиси секоја вечер, откако премиерот Иракли Кобахиѕе од Грузиски сон ја соопшти одлуката на Владата за стопирање на преговорите со ЕУ. Неколку од овие демонстрации се насилно растурени, а стотици демонстранти се уапсени.
Партијата Грузиски сон на Фејсбук објави дека Макрон изразил загриженост и желба да придонесе за решение. Исто така се наведува дека Иванишвили му се заблагодарил на францускиот претседател за неговата иницијатива и го информирал дека грузиската полиција има повисоки стандарди од полициите во земјите на ЕУ кога се справува со демонстрантите.
Макрон минатата недела се сретна со претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, која е родена во Париз и била амбасадорка на Франција во Грузија. За Зурабишвили, Иванишвили е проруски олигарх, а изборите во октомври, на кои победи Грузиски сон, се фалсификувани.
Иванишвили негира дека е проруски настроен и тврди дека сака Грузија да стане членка на ЕУ. Тој се откажа од руското државјанство во 2011 година.