Макрон го осуди кршењето на грчкиот и кипарскиот суверенитет од страна на Турција

Емануел Макрон го осуди кршењето на грчкиот и кипарскиот суверенитет од страна на Турција во источниот дел на Средоземно море, во контекст на обновената тензија меѓу Атина и Анкара, јави дописникот на МИА.

При приемот на неговиот кипарски колега Никос Анастасиадес во Елисејската палата, францускиот претседател кажа дека сака уште еднаш да ја повтори целосната солидарност на Франција со Кипар, но и со Грција, во однос на кршењето на нивниот суверенитет од страна на Турција.

-Не е прифатливо поморскиот простор на земја-членка на Унијата да биде нарушен или загрозен. Оние што придонесуваат за тоа, мора да бидат санкционирани, подвлече францускиот претседател.

Според него, во Источниот Медитеран, енергетските и безбедносните прашања се влог во борбите за превласт, особено од Турција и Русија, кои се повеќе се наметнуваат наспроти Европската унија која се уште тежи премалку.

„Постои празнина од страна на Европа во Источниот Медитеран“, изјави од своја страна Никос Анастасијадес. Но, според него  „иницијативите на претседателот Макрон се зрак на надеж што може да дозволат Медитеранот да не биде под контрола на Турција или на друга земја“.

Без разлика дали станува збор за влошување на либиската криза,  тензиите во Источниот Медитеран, каде што неколку сили како Турција, Израел, Египет или Грција се во конкуренција за енергетски ресурси, факторите на тензии со години се зголемуваат во овој регион.

-Што се однесува до Либија, не можеме да дозволиме странските сили, без разлика кој и да се, да го нарушат ембаргото за оружје, додаде Емануел Макрон, потсетувајќи на неопходното спроведување на санкциите „за да се добие прекин на огнот и да започне реална динамика кон политичко решавање на либискиот конфликт “.

Франција во неколку наврати го осуди мешањето на Турција во либиската криза, а тензиите меѓу двете земји ескалираа, особено по поморскиот инцидент меѓу два воени бродови.

-Пошироко, Европа мора да преземе детални размислувања за безбедносните прашања во Средоземното море, инсистираше Емануел Макрон кој ќе биде домаќин на самитот на земјите од јужниот дел на Европска унија наречен Мед 7 (Франција , Шпанија, Португалија, Италија, Грција, Малта и Кипар), „на крајот на август или на почетокот на септември“.

Back to top button
Close