Марковски: Одземањето на толку многу лиценци е поразителен факт
Вкупно 479 фирми за градежништво, урбанистичко планирање, проектирање и надзор може да останат без лиценците од Министерството за транспорт и врски поради неисполнување на условите.
Меѓу нив има и фирми со А лиценци за градби од прва категорија како пруги, патишта, термоцентрали или брани.
Во емисијата Топ Тема на тв Телма, деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски порача дека тоа е поразителен факт, но во исто време не е никакво изненадување.
„Ги следам состојбите во градежништвото и аномалиите кои се присутни. За една држава која претендира да биде демократска, што поразвиена, која е дел од Европа, мислам дека тоа покажува дека треба брзо да реагираме… Еден недостаток во законот за градење, е можноста да се вработуваат стручни лица со овластување на два часа работа, тие лица воопшто не се појавуваа на работа, туку своето овластување го продаваат во неколку фирми истовремено…“ рече Марковски.