Меѓународна канцеларија на ЛДП: Додик да се стави на црна листа во Македонија
Со настапот на Свечената академија посветена на празникот Свети Сава, со која се одбележува денот на српската заедница во Македонија како рамноправна со другите заедници наведни во Уставот на државата и на оние помали заедници кои живеат, во Македонија, претседателот на српскиот ентитет на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, ги навреди сите граѓани на Македонија со своето дрско непочитување на ставовите и позициите на домаќинот.
Македонската држава ја признава независноста и сувереноста на државата Босна и Херцеговина, за тоа нема сомнеж кај ниту еден граѓанин и граѓанка на Македонија. Секој политички дискурс кој го доведува во прашање интегритетот на Босна и Херцеговина е неприфатлив. Собранието на Македонија има консензуално усвоено Резолуција со која се признава геноцидот во Сребреница и тоа е национална позиција на македонската држава. Впрочем, тоа е и позиција на Генералното Собрание на Обединетите Нации.
Како либерали, поддржуваме слобода на говор и секој може да каже сопствено мислење, но кога е некој поканет да говори на настан во кој е вклучена македонската држава мора да ги почитува законите и позициите на нашата држава. Оној кој го злоупотребува гостопримството треба да се соочи со откажување на истото тоа гостопримство. Оној кој е на црната листа на нашите стратешки сојузници како САД, Велика Британија и Европската Унија, најмалку треба да биде гостин во Владата или Собранието на Македонија. Напротив. Не можеме од една страна да ги поддржуваме нашите сојузници од САД, Британија и ЕУ кога поради нашата нефункционалност ставаат наши сограѓани на црни листи, а од друга страна да не ги почитуваме кога истото тоа го прават со поединци од други земји, особено во нашиот регион.
Оттаму, ЛДП бара од Владата да им се придружи на санкциите на САД и на Британија и да му забрани влез во Македонија на Милорад Додик и други спорни лица од регионот.
Либерално-демократска партија