Мерка на претпазливост за 12 лица – вршеле злоупотреба на спортскиот ваучер

Јавното обвинителство објави дека е поднесено барање за обезбедување мерки за претпазливост за 12 лица од Агенцијата за млади и спорт во врска со случајот со распределба на средства од ваучер системот.

„Постапувајќи по поднесената иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата, надлежниот јавен обвинител поднел обвинителен предлог против 12 лица за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и Несовесно работење. За осомничените до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерки на претпазливост“, информира ОЈО.

Државната комисија за спречување корупција пред повеќе од една година најави дека поради сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер-системот на финансирање фондации и спортски клубови до Јавното обвинителство ќе достави иницијатива за кривично гонење на директорот на АМС, Наумче Мојсовски, и членовите на Централната комисија на АМС.

Антикорупциска освен иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење најави дека ќе достави и иницијатива до Владата за утврдување одговорност кај нив, а до Управата за јавни приходи (УЈП) ќе иницира да изврши надзор на сите спортски објекти од аспект на користење на средствата што им се доделени по пат на ваучер-системот во периодот од 2020, 2021 и 2022 година.

Инаку, како што објави ТВ Телма, со обвинителниот предлог опфатени се директор на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, неговиот претходник на функцијата и пратеник во актуелниот состав на Собранието во заминување од редовите на СДСМ, Дарко Каевски. Двајцата, според информациите, се гонат за злоупотреба на службената положба и овластување. Меѓу обвинетите е и претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димовски, кој во времето за кое се однесува случајот бил на чело на Централната комисија на АМС за доделување на ваучерите. Тој и преостанатите девет лица опфатени со обвинителниот предлог се осомничени за кривично дело несовесно работење.

Иницијативата до Јавното обвинителство претходниот состав на Антикорупциската комисија ја поднесе на почетокот на февруари минатата година поради сомневања дека директорот на Агенцијата и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.

„Не почитувајќи ги критериумите за доделување средства по ваучер-системот, постојат сомнежи дека Централната комисија во континуитет од 2020 година досега врши незаконска распределба, односно доделување ваучери на повластени корисници, федерации и клубови, согласно интересот на поединци и групи, можеби и политички партии и ги ставиле во неповолна положба оние спортски субјекти кои не добиле соодветни средства, иако тоа право законски им припаѓало“, рече тогашниот член на ДКСК, Владимир Георгиев.

Антикорупциска бара кривично гонење на Наумче Мојсовски за злоупотреба на системот за финансирање спортски клубови

Тогашната прва антикорупционерка Билјана Ивановска рече дека ДКСК не е против доделување средства на клубовите, туку нивно доделување според праведен систем и без фаворизирање.

По иницијативата на ДКСК имаше серија обвинувања меѓу Агенцијата за млади и спорт и Македонскиот олимписки комитет, а од Владата беше побарано да го разреши Мојсовски од функцијата.

Олимпискиот комитет бара од Владата итно разрешување на Мојсовски од чело на АМС и стопирање на тековниот повик за доделување спортски ваучери

Тој, пак, ги отфрли наводите од иницијативата на Антикорупциската комисија оценувајќи ги како тенденциозни и целосно неточни.

Оттаму тогаш особено се осврнаа на претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, кој сега е еден од обвинетите, за кого од Агенцијата за млади и спорт тогаш рекоа дека во јавно обраќање, истиот ден кога била седницата на ДКСК, изнел грст лаги и невистини.

АМС и Мојсовски ги отфрлаат наводите на ДКСК и МОК и најавуваат преземање „правни процеси“

„Тука пред сè укажуваме на јавното обраќање, исполнето со грст невистини од страна на претседателот на МОК, г. Даниел Димевски, кој ‘случајно’ коинцидира со денот на одржување на седницата на ДКСК. Имено, господинот Димевски јавно побара разрешување во АМС и итно замрзнување на постапката за доделување на спортски ваучери. Притоа ова е побарано од човекот кој е идејниот творец и креатор на системот на спортски ваучери, човекот кој во 2020 година кумулира две функции – претседател на Централната комисија за доделување спортски ваучери, член на Управниот одбор на МОК, а подоцна и негов претседател, и во исто време човек кој истата таа 2020 година побарува износ од 15 милиони денари за МОК, иако требало како претседател да биде свесен дека таа институција во тој момент не ги исполнува законските услови за регулирана спортска дејност“,беше наведено во соопштението на АМС од 6 февруари 2023 година.

Back to top button
Close