МИА на Санторини: Грчкиот остров мирен и празен, но подготвен за туристи (прв дел)

– Некои научници сметаат дека е изгубената Атлантида, одредени експерти предупредуваат дека не може да го издржи обемот на туристи, а важи за островите со најубаво и највпечатливо зајдисонце.

Санторини е еден од популарните грчки острови, можеби и најпопуларниот, но и позната светска дестинација, поради наредените бели куќички на над 200 метри надморска височина, поради вулканот, но и поради зајдисонцето кое со текот на времето стана атракција за посетителите.

– Ова лето е поинакво и поразлично од ланското, често велеа во изминатиот период грчкиот премиер и неговиот портпарол.

И навистина, ова лето и на Санторини ќе биде поинакво, но магијата на островот е иста.

Градоначалникот, локалното население, угостителите и хотелиерите од Санторини во разговор со дописничката на МИА од Атина ги пренесуваат нивните очекувања за претстојната туристичка сезона.

Сите се согласни, островот никогаш до сега во јуни не бил толку празен. Но, изразуваат надеж дека со почетокот на меѓународните летови кон сите грчки аеродроми од 1 јули, туристите повторно ќе уживаат во убавините на островот. Нивните прогнози се дека од 5 јули, постепено, Санторини ќе почне да се враќа во нормала.

Градоначалникот Андонис Сигалас вели дека од три милиони туристи лани, оваа година очекуваат само 500.000.

Фира или Тира е главниот град на Санторини, на височина од 250 метри, куќичките се изградени на калдерата, а се наоѓа точно наспроти вулканот. Претставува центарот на островот, со многу музеи, галерии, туристички атракции, кафулиња, ресторани, хотели и сл.

Прошетката по тесните сокачиња кои под нормални услови во овој период од годината се преполни со туристи од целиот свет, буди различни чувства. Од една страна спокој и мир поради тишината што преовладува, но и тага од друга страна, поради празните улички и затворените бизниси.

Ги нема ниту магаренцата кои се туристичка атракција на островот и кои посетителите ги носат на прошетка низ тесните улички или до старото пристаниште, а во изминатите години беа предмет на дискусија поради реакциите од организациите за заштита на животните од целиот свет, заради експлоатацијата.

До старото пристаниште води и жичарницата, но работи само трипати во текот на денот.

Во базените од хотелите, сега „гости“ се галебите, а поголемиот број од  кафулињата, таверните и рестораните со поглед кон калдерата се затворени.

Некои, иако со клуч на врата, сепак изгледаат дека се подготвени да отворат, други веројатно ќе го чекаат следното лето.

-Подготвени сме да отвориме, но ќе почекаме до 1 јули да видиме каква ќе биде ситуацијата, ако има туристи, ќе отвориме, ако не, здравје, следната година, вели за МИА сопственик на кафуле и ресторан.

Неговиот „сосед“ работи од почетокот на јуни, меѓутоа мал е бројот на гостите, очекува, ситуацијата да се промени на подобро од следниот месец, кога ќе почнат да доаѓаат првите туристи.

-Ова лето, мислам дека е добра можност за сите оние кои што сакаат да уживаат во островот, без многу гужва. Ова е остров што не е познат по плажите, туку по можноста за прошетки и уживање во убавините, затоа, сезоната може да трае и до октомври, објаснува еден од сопствениците на кафуле.

Повозрасна жена, сопственичка на таверна, коментира дека во овој период, најчесто тешко се наоѓала слободна маса, сега, подготвува ручек, но за нејзиното семејство.

Една од ретките продавници што е постојано отворена со исклучок на периодот додека Грција беше во карантин е слаткарница во центарот на Фира.

– Луѓе нема, гледате и самите. Дали ќе има гости? Што да ви кажам, колку што знаете вие толку знам и јас, коментира младата девојка која работи зад фрижидерот полн со сладолед.

Дел од хотелите веќе се отворени, но не сите, некои ќе ги чекаат првите туристи од странство. Цените, велат сопствениците, се пониски од лани.

[embedded content]

За хотелите задолжителен е сертификат „Health first“

Христос Мендринос е сопственик на мал хотел во срцето на Санторини. Во разговор со дописничката на МИА од Атина, објаснува дека сите хотели задолжително е да го имаат сертификатот „Health first“.

-Ова значи дека потврдуваме дека сите вработени и безбедноста на клиентите во овој момент се нашата главна мерка и приоритет. Мерките се: мерки на лична заштита и секако мерките на хигиена и дезинфекција на собите и на целиот објект, објаснува Мендринос.

Вели дека хотелот работи уште од 1 јуни, а резервациите полека започнуваат да пристигнуваат.

-Постои баланс меѓу резервациите и откажувањата. Да, има откажувања од земји како што се Америка, Австралија, а почнуваат со резервации туристи од европски земји, гледајќи дека Грција ги отвора границите, вели сопственикот на хотелот во разговорот за МИА кон средината на месецов.

Резервации и откажувања има и во други хотели. Еден од сопствениците на друг, помал хотел коментира дека следниот месец ќе се покаже каква ќе биде ситуацијата.

– Хотелот ќе го отвориме од 5 јули, бидејќи од тогаш имаме резервации. Имаме и резервации и откажувања. Откажувањата се поради летовите од странство. Авиокомпаниите ги откажуваат летовите и на туристите им ги менуваат термините, па затоа имаме откажување и потоа одново резервации.

Првиот коментар на жителите на островот е дека Санторини не бил никогаш толку празен, повозрасен брачен пар се присеќава на силниот земјотресот во 1956, додека пак архитектка за МИА ги пренесува нејзините впечатоци од првата „средба“ со островот пред повеќе од 50 години.

Санторини летово има две причини плус да привлече туристи: островот е „Covid free“, но станува и „Plastic free“.

Градоначалникот на островот во разговор со дописничката на МИА говори за очекувањата за претстојната сезона.

(продолжува)

Сања Ристовска

Back to top button
Close