Мицкоски ги отфрли обвинувањата на Филипче: Се доаѓа од немоќ, времето и ревизорските извештаи ја докажуваат вистината за работењето на Владата.

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата кои лидерот на СДСМ, Венко Филипче му ги упати од собраниската говорница, оцени дека тие доаѓаат од немоќ и порача дека времето и ревизорските извештаи ја докажуваат вистината за работењето на Владата.

„Овие прес-конференции коишто вашата политичка партија ги пренесува, а што се однесува до изборите во Србија и нивното поврзување со нас во контекст на кој чиј и каков ментор бил нема да ги коментирам. Ќе оставиме времето да даде одговор на сето тоа коешто вие го кажувате денеска и лагите ги испраќате. Значи во овие шест месеци нема ни ‘к’ од криминал, туку потврда дека оваа влада за оваа држава направила добро дело“одговори Мицкоски.

Мицкоски се осврна на личните квалификации и обвинувања што ги добивал од лидерот на опозицијата, порачувајќи му дека неговите реакции се резултат на сопствената потсвест и товар.

„Што е вашиот проблем, вие сте медицинско лице, вие добро знаете што е потсвест и во филозофска и во здравствена смисла. Потсвеста е многу интересна работа, знае секогаш да биде проблематична. Таа потсвест некогаш претставува голем товар. Тоа што вие го чувствувате како потсвест го проектирате на другите. И тоа е проблем, ама тоа е ваш проблем, не е наш“истакна Мицкоски.

Додаде дека нема намера да одговара на навредите и тешките обвинувања што беа изнесени на негова сметка.

„Ме обвинивте дека сум трансферирал дрога, пари, што сѐ не се изнаслушав – од тоа дека сум идиот и не знам уште што. Нема да се спуштам на тоа ниво и да ви одговорам, мислам дека не заслужувате“,додаде премиерот.

Премиерот возврати и на обвинувањата поврзани со спорните концесии и рудници, фрлајќи ја одговорноста врз поранешните влади предводени од СДСМ. Тој рече дека е за отворање на рудникот за антимон во Крива Паланка додавајќи дека истото мислење го дели градоначалникот кој доаѓа од редовите на СДСМ.

„Проектот Штука-Иловица е почнат од влада што ја предводел предлог на СДСМ, Владо Бучковски. Доаѓаме со следна влада на СДСМ и ДУИ, кога на владина седница Министерството за економија носи одлука за спојување на двете концесиски подрачја. За да потоа неколкумина од тогашната влада се прават дека не биле присутни на таа седница. Јас не ја распродавам државата, го враќам тоа што вие го распродадовте“рече Мицкоски.

На ова како реплика Филипче го повика премиерот да ги врати поранешните политики или уставното име доколку смета дека може.

„Во однос на другиот дел од одговорот, би рекол дека си ја погрешил професијата, би бил добар уредник на ‘Информер’ или на ‘Колегиум’, но за жал тие се гасат сега. Не ти оди со водењето на државата“кажа Филипче.

 

Back to top button
Close