Митановски: Собирањето доброволци преку дипломатските преставништва е опасен преседан

Собирањето доброволци преку дипломатските преставништва е опасен преседан, на Балканот особено Дискутабилен е јавниот повик на дипломатско-конзуларните претставништва на Украина за регрутирање на доброволци за борба и одвраќање на руската агресија од нејзината теритоирија. Тоа може да постане опасен преседан кој ќе ја доурниса и така разнишаната стабилност, како и светскиот поредок воопшто. Нема сомнение дека на Украина треба да и се помогне и во тоа се обедини целиот мирољубив свет. Начинот на кој се прифаќаат бегалците во Полска, Романија и Унгарија, во Хрватска, верувам и во Македонија, е неочекувано охрабрувачки, од аспект на солидарноста и емпатичноста кон страдањата на загрозените и со ништо виновни граѓани, невино население – млади и стари. За жал, како и во се друго, ѓаволот е во деталите и тој не спие во пештерите, туку во манастирите и раскошните палати. Едно е народот да се солидаризира и помага, тоа го покажува и самиот руски народ – во Русија и светот,а сосема друго да се регрутираат доброволци, на начин како тоа што го направи украинската амбасада,а веднаш следеше одговорот на руската, со пренесувањето на изјавата на Путин дека се евидентираат сите постапки на земјите од коалицијата против него. Кога ова го пишувам не мислам само на мојата земја и мојот народ. Ние сме членка на НАТО, сакаме утре да бидеме бранети, но тоа право претпоставува и обврски. Претпоставува дека треба да се вклучиме во одбраната на другите, се разбира и воено, но, само на оние земји со кои сме во ист статус. Затоа реагирав кога министерката за одбрана, од никого не повикана, се затрча на стартот, да го ветува она од што подоцна бегаат и Бајден и Столтенберг. Тоа е незнаење и некомпетентност. Јавноста тоа го осуди, освен дежурната навивачка публика.И самата министерка, увиде дека се истрчала пред рудата, па отпосле “омекнуваше”. Думата ми е, треба сепак да има нијанси во нашето однесување, во однос на тоа дали ќе се вклучуваме за земја членка на НАТО, или не. Во конкретниов случај официјално Скопје, сепак, треба да реагира на јавниоит повик на украинската амбасада. Се разбира и на заканата од руската амбасада. Ако тоа мине незабележано, утре може да ни се удри врз глава. И не само на нас. Скраја било, да претпоставиме дека утре ќе биде нападната Србија, или Косово, на пример. Можеме ли да замислиме што би значело кога српската амбасада во Москва, или косовската во Вашингтон, јавно побараат испраќање на доброволци!? И во едниот и во другиот случај, тоа е во најмала рака – балканска војна. Србија не членка на НАТО, Косово не е. Не е ниту Република Српска, а само во главата на Додик се мотаат патиштата по кои тој може да тргне. А дека НАТО ќе ја бомбардира Србија, како што тоа го направи во времето на накарадниот режим на Милошевиќ и добата на пијаниот Елцин, тоа не го очекувајте. За тоа мало морген, би рекол да е жив вождот. Затоа, прстот на умот. Ние сме членка на НАТО, а се граничиме со две земји кои не се тоа. Нека ми извинат пријателите од украинската амбасада, уште еднаш БЛАГОДАРНОСТ за нивната помош кога нам ни беше потребна, но, нека не разберат дека денеска таква симетрија, едноставно, не е можна. Прв станав и испратив порака на осуда на руската агресија (во Охрид лично го запознав Леонид Кучма, а во Киев – Јушченко), го прошетав по Охрид портокаловиот шал – симболот на украинската револуција (личен подарок од Јушченко), но не го сметам за мудар потегот- доброволци да се собираат преку дипломатските претставништва. Има многу други, посуптилни начини, а оние што сакаат да се борат на украинска страна, знаат како да стигнат дотаму. На украинскиот народ треба да му се помогне, а одважните ќе го направат тоа. Без дополнителни штети и страдања

Back to top button
Close