Надеж за Балканот
Спортот уште еднаш ни покажа дека таму каде што политиката гради ѕидови, почитта гради мостови. Ако некогашните спортски легенди можеа да стојат заедно како едно тело, тогаш и денешните балкански народи можат да живеат како добри соседи и достоинствени пријатели. Спортот е јазикот кој што сите го разбираме, дури и кога политиката нè убедува спротивно. Спортот е јазикот на телото кое зборува преку душа.

Овој викенд бев поканет на спортски настан во Старо Негоричани. Местоположбата е уникатна. Од убавината којашто плени имав чувство како да сум во Тоскана.
Домаќинот Чедо Марковиќ, со поддршка на Општината и пријатели на спортот, организираше настан под слоганот ,,Четврта средба на спортските светски легенди”.
На овој спортски и културен собир, проследен со прекрасна музичка прослава, беа поканети сите некогашни олимпијци закитени со златни, сребрени и бронзени медали, како и спортисти кои во минатото дадоа голем придонес за промоцијата на високи спортски дострели од времето на некогашната СФРЈ.
Денот поминат со врвните спортисти од некогашната СФРЈ, посебно со моите македонски великани, беше чин кој ќе остави длабоки траги во сеќавањата на сите присутни. Присуствуваа и високи функционери од бившата СФРЈ и новинари кои даваа и сѐ уште даваат професионална поддршка за спортот – нишката за создавање пријателство и меѓусебна почит меѓу народите. На настанот присуствуваше и Амбасадорот на Босна И Херцеговина во Македонија. Неговата искажана мисла, дека спортот е многу поголем агрегат за успешна дипломатија во создавањето меѓусебна почит, поголем и од самата дипломатија низ светот, ми остави силен впечаток. Врвните носители на олимписки медали и врвните спортисти во тимските спортови, беа силно сплотени како едно заедничко тело. Некогашната парола на бившата СФРЈ под насловот ,,Чувајте го братството и единството меѓу себе” беше целосно присутна, како да имаше силен екот. Заклучив дека братството не само што не е минато, туку е лекција за иднината. Лекција која треба да се научи и практикува.
Таму каде што се сретнаа спортските великани, се роди порака што треба да ја слушнат сите политички лидери: народите не сакаат омраза, туку достоинство, мир и иднина.
Најголемиот медал што можеме да го оставиме на нашите деца е Балкан без омраза, зашто омразата нѐ разединува. Разделени сме слаби. Заедно сме силен Балкан.
Почитувани читатели, од ваков, за мене многу значаен настан, извлеков единствен заклучок дека почитта на народите од некогашните републики на бившата СФРЈ сѐ уште постои. Можеше да се забележи на лицата на сите присутни гости. Меѓу нас се роди желба, овој настан да го подигнеме на балканско ниво, во иднина да ги покануваме добитници на олимписките медали и високо почитуваните спортисти од нашите соседи Бугарија, Грција и Албанија. Со учество на високо рангираните спортски легенди од нашите соседства, ќе го јакнеме Балканот како колевка на спортот. Ако спортот претставува највисока дипломатија за создавање добрососедски односи, тогаш време е сите ние, независните држави на Балканот, спортски да пораснеме за да почнеме да градиме заедничка балканска иднина. Спортот е последната чиста дипломатија на Балканот.
Се прашувам, зошто ние балканските народи дозволивме староримската поговорка ,,Раздели па владеј” да ни стане пракса?
Токму оваа поговорка денес се практикува на Балканот од страна на големите светски сили. Не ги обвинувам светските сили. Вината е во нас Балканците. Неразбирливо е меѓу денешните балкански држави да постои непријателство и омраза. Ние Балканците, низ сите животни сфери имаме повеќе од 90 проценти заеднички именител. Дозволивме националната и верска припадност да ни биде ,,рак рана” која и денес пушта метастази. Балканот нема да го спасат големи говори, туку големи луѓе со чиста мисла, отворено срце, визија и храброст да кажат: ,,Доста беа поделби, време е за достоинство, почит и заедничка иднина”.
Масовното иселување на младата популација, не само од наша Македонија туку од целиот Балкан, е суровата реалност. Го губиме најсилниот капитал на сите балкански држави, а тоа е младиот човек. Без младата популација, не само ние, туку целиот Балкан допрва ќе плаќа скапа цена. Масовно ќе почнат да се доселуваат мигранти кои со себе носат сопствена, различна култура и традиција. Тешко ќе биде вклопувањето. Уште потешко е претопување. Треба да се чува традицијата, но да не дозволиме да стане оружје против соседот. Треба да ја почитуваме верата, но да не дозволиме таа да стане граница меѓу луѓето. Треба да ја сакаме својата нација, но никогаш по цена на омраза кон другите.
Спортот е најсилна алка со која треба да го сплотиме нашиот Балкан!
Политички лидери, на сите балкански држави, разбудете се и почнете да размислувате како Балканот да го сочуваме за нашите идни генерации. Местоположбата и раскошната природа на Балканот е наша привилегија, вредна за восхит од целиот Свет. Имав можност и лична привилегија да посетувам различни региони низ светот. Ретко можев да го почувствувам мојот Балкан на било која друга дестинација. Балканот не е проклетство, Балканот е шанса за светла иднина зашто има стара душа. Крајно време е да има и мудрост за себе.
Благодарност до господинот Чедо Марковиќ, кој ми помогна со својата идеја за собирање спортски великани од бившата СФРЈ, да разберам дека Балканот треба да созрее и согледа дека има вистински потенцијали за голема светска сила, со достоинствени граѓани и светла иднина.
Кога спортските легенди зборуваат, политиката треба да молчи и да учи. Политичари, разбудете се, народите се уморни од поделби, а младите се уморни од чекање.






