Мојот другар Весо

Почитувани пријатели, денеска ќе пишувам за мојот другар Веселин Никчевиќ, со прекар Весо, а по карактер најдоблесниот Црногорец кој го познавам во мојот живот. Него го красат сите позитивни карактерни одлики на еден вистински Црногорец,  искричивост, чесност и посветеност. Дадениот збор, кој е во битието на  Црногорците е нешто свето за мој Весо.

Со Весо се запознавме  раните 70-ти години во Скопје. Студиите започнати во Зеница и Белграт на Технолошкиот факултет ги заврши во Скопје. Неговиот немирен, но чесен дух го препозна и засака неговата сопруга Радмила, со која формираа семејство.

Вистинското дружење започна кон крајот на 70-те години од минатиот век, кога Весо ми овозможи да купам плац за куќа на Водно, каде денеска живеам.  Во тие далечни времиња да се гради куќа на туѓ имот, кој  многу тешко можеше да се префрли на вистинскиот сопственик , беше многу сложен процес. Градбата ја отпочнав на туѓо име, односно на име на сопственикот на плацот кој беше близок пријател на мојот другар Весо.

Секако дека ваквиот начин на градба создаде сомнеж дали куќата навистина ќе биде моја и во еден момент го прашав Весо „што ако сопственикот на плацот не го исполни своето ветување”? Неговата реакција беше спонтана со многу јасна порака:  „ќе го убијам”! Да, токму таква беше реакцијата на мојот Весо кој во два збора ја искажа целата своја лична гаранција за неговиот добронамерен потег. Му верував на зборот иако знам дека никогаш не би кренал рака на никого.

Другарувањето со Весо беше многу интензивно, особено 90-те години, па до денес. Сите години ги поминувавме на заеднички дочеци на Нови години, летувања, посети на спортски настани, особено во периодот кога Кометал беше силен женски ракометен клуб. Умееше да игра фудбал и тоа што би рекле ние скопјаните „мушки”, неплашејќи се од жестоки дуели со желба за победа. Весо умее и да пее, ама тоа го осозна во последните 10-тина години кога едноставно на некоја забава, без особен повод  ќе се фатеше за микрофон неиспуштајќи го до крај. Црногорецот умееше да направи

Со цел да ви го приближам  Весо, мои драги пријатели, ќе споменам една случка од раните 90-ти години од минатиот век кога имавме заеднички летувања во тогаш елитниот хотелски комплекс Сани Бич во Грција. Комплексот е распространет со прекрасни плажи каде вообичаено  го поминувавме времето под сенките на палмите, маслинките или во кафитериите.

Во тие времиња нашите сопруги практикуваа мокрите костими за капење да ги заменуваат со суви, импровизирајќи кабина со пешкир, на самата плажа. Во една таква прилика неговата сопруга Рада додека го менуваше костумот, Весо, онака црногорски залегнат на лежалка со очила за читање го прелистуваше дневниот печат кој секојдневно доаѓаше од Македонија. Така занесен во читањето, ја погледнува неговата Рада тргајќи ги очилата надолу и со сосема смирен, ама јасен глас ѝ дофрли по црногорски „Радо, паде пешкир, паде глава”. Вака искажаната реченица на Весо одекна силно меѓу нас присутните кои зачудено го погледнавме. Тој сосема мирно си ги врати очилата на место и продолжи да чита. Е, тоа е мојот Весо.

Инаку во поглед на работење и преземање обврски за работа мојот Весо е атипичен Црногорец. Тој најпросто кажано е воркофил. Во пензија е повеќе од една декада, ама не престанува да работи на три дестинации: во неговиот дом во Скопје, на неговата викендичка во Маврово и неговата викенд куќичка на Петровац на море. Сите три објекти се стокмени од вештите раце на Весо, а по дворовите на сите овие три објекти ќе најдете сѐ и сешто, од прекрасни убави дрва и цвеќиња, до пипер, боранија, патлиџан, компир, кромид… Токму во неговата раскошна градина може да се види гордоста на Весо кога ќе каже: „то сам ја засадио и одрадио”.

Весо не мирува во овие пензионерски денови. Најголем дел од времето го минува во неговата викендичка во Маврово каде го наоѓа сопствениот мир, спокојство и љубов кон мавровската природа.

Родител е на два прекрасни сина Небојша и Владан, а од пред неколку години Весо стана најгордиот дедо кога му се роди  внукот Андрија. Убеден сум дека Весо е најсаканиот  дедо.  Бидете убедени дека децата во најрана возраст умеат да препознаат позитивни и добри луѓе.

Весо, биди ми жив и здрав уште многу години. Гледам дека од фудбал си се откажал. Доаѓа Нова година и Божиќни празници па би сакал да ја пробам твојата туршија од зелка, секако од твојата градина.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close