Мојот другар Владо

Почитувани читатели, денешнава колумна ќе ја посветам на мојот другар Владо Карајанов, а за следната го најавувам истоименикот Владо Ќаев, исто така наш другар од детство.

Владо го запознав во периодот на моето едноипол годишно школување во гевгелиската гимназија ,,Јосиф Јосифовски -Свештарот”, веднаш по катастрофалниот земјотрес во СКопје, далечната 1963 година.

Роден гевгеличанец кој основното и средно образование го завршува во Гевгелија, a факултетот во Скoпje. Неговото семејство има длабоки корени, бидејќи презимето Карајанов и денеска е синоним за препознатливост во Гевгелија. Во овој контекст сакам да дообјаснам дека Гевгелија, како град со своја култура и историја, повеќе е познат по неколку десетици семејства со видни имиња како Брзилови, Ќаеви, Чурлинови, Проданови, Старделови, Стојменови, Ќурчиеви и други кои биле влијателни и му дале душа на животот во градот од дамнешни времиња до денес.

Владо го красат вистински човечки особини како чесност, верност, доверливост, професионалност, а притоа е прекрасен другар, сопруг и татко.

Во гимназиските денови другарувањата ги минувавме најчесто во вила Тина кај Ноне или пак талкавме низ гевгелиските улици и Вардарски рид.

Владо учеше во паралелките со математичка насока, бидејќи од најрана возраст покажа интерес за природните науки. По природа тивок поради што честопати при говорењето не можевме да го разбереме, а кога ќе го опоменавме да повтори погласно, без лутење ќе го кренеше гласот само за еден децибел, но повторно разбирливо и тивко. Не паметам во изминатите 6 децении Владо некојпат да подигнал тон при зборувањето, па дури и кога бил изнервиран и лут. Зборот лутина кај Владо не постоеше, бидејќи во неговата природа беше вткаена една огромна душа за разбирање и толеранција.

Фудбал не играше, пеењето беше налик на мумлање, но секогаш беше заинтересиран за она што сите млади го сакаат, а тоа е забава, музика и симпатии, било од гимназија или од градот.

Владо има постар брат Иле со идентични човечки карактеристики како Владо, небаре се близнаци. Во тие времиња многу милував да разговарам за посериозни теми со Иле, како повозрасен и стамен човек кој знаеше да ни пренесе некоја мудра мисла или заклучок.

Владо заврши на Машинскиот факултет во СКопје во рекордно кус период и се вработи во тогашниот гигант Металски завод -Тито. Како инженер беше иновативен и посветен и многу бргу напредуваше во тогашните ООЗТ-иња кои ги имаше повеќе од десетина во рамките на гигантот Металски завод-Тито. Сѐ до распадот на бившата СФРЈ, Владо беше директор во едно од овие ООЗТ-иња и поради својата дарба и посветеност беше многу почитуван меѓу колегите од останатите ООЗТ-иња, а особено меѓу колегите со кои секојдневно соработуваше.

Денес е пензионер и имам чувство дека по распадот на СФРЈ, а со тоа и на Металскиот завод –Тито, како да не си ја заврши својата поставена задача во развојот на оваа многу силна компанија во бившата СФРЈ.

МЗТ беше позната по многу иновативни производи кои тогаш се користеа во сообраќајот, особено во железничкиот,но и во воената индустрија на бившата СФРЈ.Тогашниот МЗТ беше расадник за луѓе посветени на својата професија и исклучително успешен професионален живот.

Заедничките летувања, кои вообичаено ги организиравв со моите другари стекнати во Скопје и Гевгелија, создадоа една силна синергија меѓу сите нас, така што другарувањето продолжија и тука во Скопје.

Владо другар, пандемијата и заминувањето на многу наши другари си го направија своето – нашата комуникација е многу ретка и признавам дека ми недостасува.

Биди ни жив и здрав со семејството и голем поздрав до бато Иле и неговото семејство.

Трифун Костовски

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close