Мојсоска од Левица: Груби користел и обезбедување на државата кога избегал
Пратеничката од редовите на Левица на социјалните мрежи обзнани дека на Артан Груби државата му плаќала обезбедување што, според неа, води до небулози кои укажуваат на уште едно исценирано бегство на високо профилиран функционер:
-Во одговор на пратеничко прашање, министерот Тошковски потврди дека државата му плаќала и обезбедување на Артан Груби, кој веќе неколку месеци е во бегство. Во одговорот на министерот Тошковски, се наведува дека решението за обезбедување на Груби го потпишал тогашниот министер Назим Буши, и тоа на 13 јуни 2024 година. Односно, само две недели пред да се конституира новата влада.
Нејасно е зошто министерот Тошковски не го отповикал ова решение за обезбедување на Артан Груби, ниту пак преиспитал дали постои висок ризик на опасност по животот на Груби, за што државата троши средства за негово лично обезбедување?! Со други зборови, криминалецот Груби не само што ја цицал државата додека бил на функција, туку и кога му престанала функцијата продолжил да користи лично обезбедување од МВР, платено од власта на ДПМНЕ. И најважното прашање за крај:
Доколку во моментот на бегство за Груби веќе била иницирана постапка и бил ставен на STOP листа, зошто обезбедувањето од МВР не реагирало кога Груби ги известил дека ја напушта државата?! Груби во неговата последна објава наведува дека го известил своето лично обезбедување пред да ја напушти државата. Зошто обезбедувањето не реагирало, како што не реагирал и службеникот на граничниот премин, води само кон тоа на уште едно исценирано бегство на високо профилиран функционер, напиша Мојсоска на Фејсбук