Мој Термин воведува опција за верификација на телефонскиот број

Во насока на подобрување на достапноста на здравствените услуги за пациентите, во системот Мој Термин е воведена опцијата за верификација на телефонскиот број. Оваа мерка има за цел да обезбеди пациентите навремено да добиваат известувања за закажани термини и други здравствени услуги, со што се намалуваат пропуштените прегледи и се оптимизира функционирањето на здравствениот систем.
Во моментов, процесот сè уште не е задолжителен, но во наредниот период ќе стане обврска при посета кај матичниот лекар. Сепак, системот предвидува исклучоци во одредени случаи:
Итни медицински случаи – внесување во системот без верификација.
Деца и изнемоштени лица – можат да бидат верификувани преку друго лице (еден телефонски број за повеќе пациенти).
Корисници на мобилната апликација Мое Здравје – можат самостојно да ја завршат верификацијата, без вклучување на матичниот лекар.
Важно е да се нагласи дека верификацијата се прави еднократно, што значи дека пациентите треба да го потврдат својот телефонски број само при првиот преглед. Оваа промена се базира на анализи кои покажаа дека значителен број пациенти не се појавуваат на закажаните термини поради неажурирани телефонски броеви. На пример, повеќе од 50% од пациентките со закажани прегледи за дојка не се појавиле, со што биле изгубени термини кои можеле да бидат искористени за други пациенти.
Министерството за здравство и Управата за електронско здравство остануваат посветени на подобрување на пристапот до здравствените услуги и зголемување на ефикасноста на системот, при што сите чекори ќе бидат преземени со соодветна адаптација и исклучоци за категориите пациенти на кои тоа им е потребно.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close