Молкот продолжува
Почитувани читатели, со недели наназад пишувам за непобитните факти со кои Еуростандард банка беше однесена во стечај, по налог на некои структури од политичко-банкарскиот сектор, каде извршната улога ја одигра Народна банка. Ја одигра моќно, но аматерски, затоа што ја имаат силата, но не застана на страна на правдината.

За ваквиот чин да се оствари, морало да постојат многу предуслови. Првиот услов е исполнет – организираниот криминал и корупција биле и сѐ уште се дел од нашето секојдневие. Најбитното прашање во овој сегмент е како организираниот криминал и корупција се инфилтрираа во институциите на системот за да ги остварат своите зацртани цели.
Многу е битно да се погодат и личностите, кои се на клучните позиции во овие институции, за функционалноста во организираниот криминал и корупција бидат перфектна. Тоа се вторите услови
Република Македонија памети повеќе стечаи на банки во нашата тридецениската самостојност. Еуростандард банка не може да се спореди со ниту една од до сега однесените банки во стечај. Зошто? Затоа што банката имаше и желба и намера, поддржана од нејзините акционери, со капитал и логистика да опстои стотици години.
Како единствена грин-филд инвестиција во банкарскиот сектор, таа беше уникатна во својата историја. Местото и улогата на Еуростандард банка во вкупниот платен промет, беше на прво место од сите банки во Република Македонија. Еуростандард банка немаше проблем со ликвидноста во нејзиното функционирање. Еуростандард банка немаше потреси со кои јавноста беше запознаена, како со стечаите на Радо банка, Македонска банка и Експорт-импорт банка. За погоре споменатите банки однесени во стечај, јавноста беше многу добро информирана за сите нивни аномалиии. Токму јавноста притискаше Народна банка да ги однесе овие банки во стечај.
Но, за случајот со Еуростандард банка, јавноста беше ставена настрана. Ние, акционерите бевме комплетно неинформирани. Клиентите на Еуростандард банка се соочија со големи финансиски потреси во нивното секојдневно работење. Многу вработени во Еуростандард банка, Македонски пошти, клиенти и правни лица во банката, останаа без работа. Последиците од водењето на Еуростандард банка во стечај, ќе бидат посебно анализирани, не само од нас акционерите, туку и од останатите правни субјекти кои ја платија цената за ова злодело.
Дали требаше на чело на Народна банка да дојде човек за гувернер кој, по мои лични процени, нема никакви предиспозиции за квалитетно вршење дејности на оваа функција.
Мене ми е совршено јасно дека сум бил мета на криминогените структури, од самиот почеток на формирањето на Еуростандард банка. Банката, како и секое мало дете ги боледуваше детските болести, кои несомнено ја пратат секоја институција од ваков тип.
Гувернерите на Народна банка во Република Македонија, секогаш важеле за стамени луѓе кои ја познавале макроекономијата, посебно во фискалниот дел. Убеден сум дека и претходниците на гувернерката Бежоска, честопати биле ставани на испит дали оваа институција може да се стави под шепата на криминалот. Повторувам, Еуростандард банка со сите свои детски болести, газеше успешно кон своето 20 годишно постоење.
Требаше на сцената да се појави гувернер од типот на Бежоска, која своето макро-економско непознавање на стопанството го покажа на дело, ставајќи се во функција на организираниот криминал. Таа изврши убиство со умисла врз Еуростандард банка. Таа не ги употреби механизмите кои ѝ стоеа на располагање за спас на банката. Таа во првото нејзино интервју, дадено во неделникот Фокус на 3 Септември 2020 година, обзнани дека докапитализацијата од 13 милиони евра, направена само 6 месеци пред носење на банката во стечај, имала за цел да обезбеди поголема стечајна маса за заштита на правните и физички лица, клиенти на банката. Ваква изјава на Гувернер на било која Народна банка во светот е чин кој не заслужува коментар.
Молкот и натаму царува. Во Народна банка сите се среќни и спокојни, на чело со гувернерката, како никому да не се случило ништо битно. Основното Јавно обвинителство се бави со маргинални девијантни појави во нашето секојдневие. Стечајните управници на банката со богата сервирана ,,шведска маса” се нетранспарентни, но не отстапуваат самите себе да се наградуваат за некаков си труд, кој навистина е комичен.
Јас нема да отстапам од мојата борба. Се прашувам како вие, денес првите луѓе на овие институции, ќе се правдате пред јавноста, пред своите најблиски и сами пред себе, кога еден ден вистината ќе излезе на виделина…
Трифун Костовски






