Можно е осмиот преживеан да е патник со арапско потекло

Дали мистериозниот патник е извесен Шаип Науф ал Салах, 36-годишен Арап, државјанин на Обединетите Арапски Емирати, бугарската обвинителка Сијка Милева на денешната прес конференција не можеше да одговори. Неговото име го виделе роднините на преживеаните на листа која ја добиле во болницата во Софија. Тоа го тврди и синот на вториот возач на автобусот кој загина во пожарот на возилото. На официјалната листа на преживеани која ја објави македонското МНР стојат имињата на седум лица, и меѓу нив не е арапскиот државјанин.

 

 

Бугарските истражители дополнително ќе истражат кој е овој човек и каде се наоѓа сега. Дали тој се спасил од запалениот автобус и потоа мистериозно исчезнал во ноќта.

 

Според бугарското јавно обвинителство, од автобусот на смртта се извлечени 44 тела, за кои престои идентификација во наредните денови по што „телата ќе може да се ослободат и испратат во Македонија кај блиските за погреб на достоинствен начин“.

 

Неколку часови пред несреќата, на граничниот премин Капитан Андреево, од правец на Турција влегол автобусот, сопственост на скопската туристичка агенција „Беса транс“ со 52 патници и тие се евидентирани од бугарската погранична служба.

Ако се собере вкупниот број на жртви – 44 и бројот на преживеани 7, тоа се вкупно 51 лице, за разлика од регистрираните 52 на граничниот премин Капитан Андреево, посочи бугарската обвинителка Сијка Милева. Недостасува еден патник, а тоа се поклопува и со изјавата на еден од преживеаните сведоци, кој тврдел дека 8 лица живи излегле од автобусот.

– Во една од болничките соби разговарав со преживеано момче, на моја возраст кој го скршил стаклото од задниот прозорец и од таму се спасени лицата кои сега се во болница и му реков „Ти си херој“. Тој тврдеше дека се спасиле 8 лица. Голема загатка е каде е осмото лице кога сведокот категорично тврдеше дека се спасени 8 лица, раскажува обвинителката видно потресена зошто била на самото место на несреќата и ги видела труповите на загинатите, а потоа во болницата ги посетила и преживеаните.

Тезата за мистериозниот осми патник ја образложи и Борислав Сарафов, заменик јавен обвинител и директор на Националната истражна служба.

– Ако на Капитан Андреево е регистриран влез на 52 патници од тој автобус, а имаме потврда за 44 трупа, останува сомнеж за осмиот патник кој ја преживеал несреќата. Дали се прекачил во друг автобус од четирите на туристичката фирма на некое од застанувањата по патот, се проверува од видео надзорот на тие места. Обвинителството испраша двајца од патниците кои биле будни во времето на несреќата и дадоа исклучително точчни и објективни информации за настанот. Испрашани се независно еден од друг, дадоа детали кои се поклопуваат, поради што се апсолутно веродостојни како сведоци. Ќе испрашаме уште двајца од згрижените во болницата Пирогов, рече Сарафов.

– Се проверуваат листите на патници дали некој кој бил во овој автобус на Капитан Андреево, ја напуштил границата со друг автобус. Дали автобусот го напуштил откако се спасил или го сменил автобусот на некоја од постројките за одмор не знаеме, вели Сарафов, додавајќи дека сите овие хипотези се проверуваат.

повеќе

Back to top button
Close