На 27 април ВМРО-ДПМНЕ ја доведе Македонија на раб на граѓанска војна, вели Пендаровски

Насилниот упад во македонското Собрание на 27 април 2017 година е најсрамниот чин во современата македонска историја, напиша денеска на својот фејсбук-профил кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски.

Тој смета дека таа кобна вечер Македонија била на раб на граѓанска војна, состојба за која вели дека била предизвикана исклучиво од ВМРО-ДПМНЕ.

Пендаровски напиша дека при упадот биле напаѓани, тепани и заплашувани пратеници и новинари кои ја вршеле својата должност.

„Сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски беше меѓу толпата што насилно упадна во Собранието, а потпретседателот Николоски заедно со Груевски ги даваа наредбите за нападите таа вечер кукавички криејќи се во Виена. Со тоа овие подли кукавици ги жртвуваа дури и своите луѓе кои упаднаа во Собранието“вели Пендаровски.

Потенцира дека функционерите на главната опозициска партија ВМРО-ДМПНЕ, кои биле дел од насилството во Собранието, никогаш не им се извиниле на сите граѓани за ужасот што го направиле.

„Не им се извинија ни на луѓето кои ги поттикнуваа на насилство против своите сограѓани, само за да ги зачуваат своите фотелји затоа што не сакаа мирно да ја предадат власта, туку повеќе беа подготвени да ја жртуваат државата. Сега планираат да дојдат на власт и да ги помилуваат насилниците кои тие ги натераа на упад во Собранието мислејќи дека така ќе ја исчистат својата совест и лажно тврдеа дека тепачите на сопствениот народ го бранеле Уставот“,смета тој.

Според Пендаровски, уставобранители не се луѓе кои имаат за цел напад и агресија.

Патриотите не го напаѓаат сопствениот народ со тупаници, туку ја бранат сопствената држава со чесна работа, без да ги делат граѓаните“,потенцира тој.

 

Back to top button
Close