Над 80 луѓе убиени во израелски напади на бегалски камп, соопшти Министерството за здравство на Газа

Повеќе од 80 луѓе се убиени денеска во двоен напад на израелските сили врз бегалскиот камп Џабалија, соопшти Министерството за здравство на Газа, пренесува „Гардијан“ повикувајќи на извештаите на светските агенции.

Претставник на Министерството кое е под контрола на Хамас, за агенцијата „Франс прес“ изјавил дека најмалку 50 луѓе биле убиени во израелски напад врз училиштето „Ал Фахори“ со кое раководи Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА).

Во друг напад на посебна зграда во кампот загинале 32 лица од исто семејство, од кои 19 деца.

Министерството за здравство во Газа објавило список со 32 членови на семејството Абу Хабал, за кои се вели дека биле убиени во најголемиот бегалски камп во Газа, пренесува агенцијата Франс прес.

Реакции со осуда за смртоносните напади стигнаа од повеќемина преставници на Обединетите нации.

„Засолништата се место за безбедност. Училиштата се место за учење. Трагична вест за деца, жени и мажи убиени додека биле засолнети во училиштето ‘Ал Фахори’ во северниот дел на Газа. Цивилите не можат и не треба повеќе да го поднесуваат ова. Хуманоста треба да надвладее“ напиша шефот за хуманитарна помош на ОН Мартин Грифитс на социјалната мрежа „Икс“ (претходно Твитер).

Во меѓувреме, шефицата на УНИЦЕФ Кетрин Расел напиша:

„Гледаме ужасни слики на деца и цивили убиени во Газа – повторно– додека биле засолнети во училиште кое секогаш мора да биде заштитено. Масакрот мора да заврши. Страдањето мора да заврши“.

На нападите реагираа и од агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), од каде порачаа дека нападите мора да престанат и дека хуманитарниот прекин на огнот не може повеќе да чека.

„Добивањето ужасни слики и снимки од голем број луѓе убиени и повредени во уште едно училиште на УНРВА во кое се засолнети илјадници раселени во северниот дел на Појасот Газа. Овие напади не можат да станат вообичаени, тие мора да престанат“се вели во реакцијата на УНРВА на социјалната мрежа „Икс“.

Во соопштение на израелските одбранбени сили (ИДФ) објавено по веста за нападите на бегалскиот камп се наведува дека војската ги проширила своите оперативни ативности во делови од палестинската енклава, вклучително и областа Џабалија, која се наоѓа на околу четири километри од градот Газа.

„Во последните 24 часа војниците спроведоа активности во областите Зајтун и Џабалија, при што наидоа на терористи кои намерно оперираа од цивилни области и ги нападнаа војниците користејќи противтенковски ракети и експлозиви“соопштиле од ИДФ пренесува Би-би-си“.

Се додава дека нивните сили во операциите елминирале голем број оперативци на Хамас и „погодиле голем дел од терористичката инфраструктура“.

Претходно, како што пренесува британскиот национален сервис, портпаролот на ИДФ, потполковник Питер Лернер, рекол дека го истражуваат случајот со експлозцијата во училиштето во Џабалија.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close