Научници открија докази за постоење на живот на друга планета


Научниците од британскиот универзитет Кембриџ открија нови, иако сè уште неизвесни докази кои би можеле да укажат на постоење на живот на егзопланетата К2-18б, свет оддалечен дури 1,1 трилиони километри од Земјата.

Со помош на вселенскиот телескоп Џејмс Веб (JWST) на НАСА, истражувачите открија траги од молекули во атмосферата на планетата кои се произведуваат исклучиво по биолошки пат на Земјата. Поточно, на нашата планета тие се произведуваат исклучиво од едноставни микроорганизми.

Ова е второ и досега најперспективно откривање на супстанции поврзани со животот на К2-18б. Но, научниците предупредуваат дека се потребни повеќе податоци за конечна потврда.

Тим од Универзитетот Кембриџ ја анализираше светлината што минува низ атмосферата на планетата додека орбитира околу нејзината мала црвена ѕвезда. Во таа анализа, откриени се хемиски траги од најмалку една од двете молекули поврзани со животот: диметил сулфид (DMS) и диметил дисулфид (DMDS). На Земјата, овие гасови се произведени од морски фитопланктон и бактерии.

„Количината на овој гас што го проценуваме во атмосферата на планетата е илјадници пати поголема отколку на Земјата“, рече шефот на истражувањето, проф. Нику Мадусудан. „Ако оваа врска со животот е реална, тогаш оваа планета би можела да биде преполна со живот“.

Според него, детекцијата на овие размери за време на едно набљудување било изненадувачко. „Ова е досега најсилниот показател дека можеби не сме сами. Реално, би можеле да го потврдиме сигналот во рок од една до две години“.

Back to top button
Close