Непокор до конечна победа

Трифун Костовски

Почитувани читатели, во денешнава колумна посветена на Еуростандард банка, ќе пишувам за мојот непокор до конечна победа во име на вистината , да излезе на виделина и правдата да победи.
Веќе 42 месеци како водам војна за да ја докажам мојата и невиноста на моето семејство, поврзана со стечајот на Еуростандард банката. Бескруполозен чин кој во целост ја разниша мојата верба дека Македонија гради модерна држава во која што ќе завладеат правдата и просперитетот. Секојдневно легнувам и се будам со истата мисла, зошто ова мене ми се случи во Македонија?
Објавувањето на стечајот ме затекна комплетно неспремен за вакво нешто. Не можев да поверувам дека мојата Македонија ми возвраќа брутално, нечесно и понижувачки.
Изминатиов период, трагајќи по вистината, дојдов до сознание дека сум бил жртва на криминогени умови, длабоко влезени во институциите на системот и банките.
Денес, пред мене ја имам целата слика, со неспорно несоборливи факти.
Во стечајната маса на собрани средства и средствата кои што треба сѐ уште да се соберат, недвосмислено ќе се подмират сите правни и физички лица и ќе се појави голема сума на слободни средства. Да не заборавиме дека и самата постапка за прибирање пари во стечајната маса е скап процес. До денес стечајните управници со своите соработници имаат потрошено повеќе од 5 милиони евра, средства во сопственост на Еуростандард банка.
Пишував, пишувам и ќе пишувам за организираниот криминал кој денеска важи за ,,брендирана” професија на владеење во Македонија.
Организираниот криминал не е по улиците, туку по институциите на системот.
Денес Македонија, за жал, има државни институции кои наместо да го штитат интересот на државата и граѓаните во неа, тие го штитат интересот на криминалот, длабоко вткаен во сите сфери на системот и нашето секојдневие. Со криминогени институции во системот на државата, не може да се очекува просперитет во стопанскиот развој. Организираниот криминал како најобичен паразит бара жртви. Јас сум една од тие жртви. За жал не сум единствен, во Македонија нѐ има многумина. Кои се следните?
Дали ќе дозволиме и понатаму да има жртви? Сѐ зависи од нас самите.
Се наоѓаме во предвечерјето на претстојните парламентарни и претседателски избори . Мораме да веруваме дека изборите ќе донесат нови ветришта за преземање на борбата во вистински раце против организираниот криминал и корупција.
Време е да отпочнеме, наместо со флоскули за борба против криминалот и корупција, да преминеме на дела.
Свесен сум дека борбата со криминалот и корупцијата нема да биде лесна, бидејќи истата е длабоко инфилтрирана во сите институции на системот.
Мојата упорност и непокор за вистината и правдата со стечајот на Еуростандард банка ќе продолжи и после изборите. Сакам да верувам дека со новоизбраните функционери ќе отвориме нова страница за сите нас, граѓаните на Република Македонија, со што ќе ни се врати украдената слобода на мислење, делување и враќање на правдата.
Долга е раката на правдата, но и таа има цена. Цената е во човекот пред сѐ, човек кој треба да биде наоружан со вистински човечки и хумани особини и непоколебливост на патот кон успехот и просперитетот на нашата држава и сограѓаните.
Би сакал да ја затворам оваа најтажна страница од мојот живот. За мене најдолги 40 месеци како ми е замрзнат имотот. Не можам ниту да стопанисувам, ниту да отуѓувам.
Со носењето на Еуростандард банка во стечај, изгубив двојно поголем капитал од капиталот на банката. Некој мора да ја плати оваа цена. Обештетувањето за сета претрпена загуба и понижување ќе го барам од мојата држава.
Македонија ми должи.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close