Ниту сум потпишала, ниту има договор за вработувања по етничка припадност – вели министерката за финансии по изјавата на Меџити
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска денеска ги отфрли како неточни информациите дека наводно имало некаков договор за вработување од 2 000 до 3 000 Албанци во јавната адинистрација.

Имено, министерката беше прашана за коментар на изјавата на вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити дека за една година ќе вработат илјадници Албанци во државната и јавна администрација.
Одговарајќи на прашањето, Гордана Димитриеска-Кочоска, појасни како и врз основа на што се издаваат согласности за вработувања во јавниот и државниот сектор.
„Не знам кој што изјавил. Знаете како оди издавањето согласности за вработување. Секоја согласност се издава врз основа на годишен план за вработување донесен претходната година. Годишните планови за вработување не предвидуваат такви нешта, ниту јас сум потпишала во овој момент согласност за вработување по етничка припадност или толку многу како што слушнав како бројка. Такво нешто не постои“,изјави министерката по средбата во Сојузот на стопански комори.
Во моментов, како што кажа, договори се потпишувале во здравствениот сектор, но станува збор за луѓе кои веќе работат таму и на кои им се продолжуваат договорите.
„Повеќе од тоа нема, ниту сум потпишала, ниту има барање, ниту има каков било договор за такво нешто“,рече Димитриеска-Кочоска.
Вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, кој е и лидер на Демократското движење, кое е дел од коалицијата „Вреди“ синоќа на партиски настан во Шуто Оризари дал „силно ветување“ дека за една година Владата ќе реализира повеќе вработувања на Албанци во државна и јавна администрација отколку што се направени во двата претходни мандати од другите албански политички субјекти.
„Значи, ќе бидат стотици, ако не и 2-3 илјади Албанци во државната и јавната администрација и насекаде каде што има потреба од обновување на тие работни места, со што ќе се елиминира една пречка и проблем на нашите граѓани, за да не заминуваат во странство и да не ја гледаат својата перспектива надвор од државата“,изјавил Меџити. На наводите на вицепремеирот денеска реагираше минситерот за јавна админстрација, Горан Минчев кој рече Меџити да не се однесува како Алиса во земјата на чудата ветувајќи нешто што ниту е реално ниту е возможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување.
Според Минчев, изјавата на вицепремиерот е класичен пример на предизборен популизам, без никаква правна или институционална основа.