Нуредини за „Тан неа“: Интерконекторот е нераскинлив дел од нашата стратегија за диверзификација на изворите на природен гас

– За Република Северна Македонија, ова е нераскинлив дел од нашата стратегија за диверзификација на нашите извор на природен гас и понатамошно поврзување со други соседни земји, како што се Албанија, Србија и Косово, со цел да им испорачаме гас, вели министерот за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија Насер Нуредини за интерконекторот со Грција, говорејќи за грчкиот весник „Та неа“,  јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот додава дека тоа, „неизбежно ќе има економски придобивки за двете земји“ и изразува увереност дека наскоро ќе се финализира.

-Задоволство ми е да кажам дека сме договорени на билатерално за овој многу важен проект за нас и сега чекаме одобрување од ЕУ. Со добрата соработка што ја имаме како соседни земји, остануваат само формалностите што треба да се исполнат, а во блиска иднина договорот ќе биде потпишан, вели Нуредини и додава дека штом ќе се заврши со тој дел, ќе може да започнеме изградбата.

Во интервјуто под наслов „Треба да соработуваме и за чистата енергија“, по неговото учество на Делфи економскиот форум во Атина, Нуредини објаснува дека нашата земја усвои севкупен план за енергетски и климатски пристап, се фокусира на оддалечување од употребата на лигнит за производство на електрична енергија и инвестира во обновливи извори на енергија, како што се фотоволтаиците и ветерниците.

Потенцира дека Северна Македонија е зависна од лигнитот, меѓутоа во иднина, гасот ќе биде основен фактор во нашата енергетска мешавина и додава дека „согласно нашата амбиција за климата, во голема мера инвестираме во обновливите извори на енергија“, нешто што го покренува прашањето за складирање.

-Во тој дел водородот станува многу ветувачка инвестиција. Може да помогне во складирањето енергија од обновливи извори на енергија што ги надминува потребите. Но, тоа исто така ќе помогне да се намалат трошоците за превоз. Многу сум среќен што ова прашање на Економскиот форум во Делфи, го покрена потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс. И уште посреќен сум што министерот за енергетика, Костас Скрекас, ја прифати идејата нашите земји да соработуваат и во ова прашање и со поддршка на ЕУ, дури и да станат центар за водород во иднина, истакна министерот за животна средина и просторно планирање.

Во однос на геополитичките предизвици во регионот, вели дека не гледа многу, бидејќи верува дека „регионот знае дека за дополнително да ги зајакнеме мрежите и да постигнеме почисто производство на енергија, императив е да соработуваме“.

– Некои земји ќе можат да произведуваат повеќе отколку што бараат нивните потреби, а други ќе мораат да увезуваат, затоа е важно да се стремиме кон меѓусебно поврзување на нашите енергетски линии, вели министерот Нуредини за „Та неа“.

Back to top button
Close