ОГАЕ: Изборот на Васил е задача на МРТ, наша мисија е да го поддржиме

ОГАЕ Македонија, официјалниот фан клуб на Евровизија, член на ОГАЕ интернационал, се огласи по повод актуелните настани со нашиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев. Од таму порачаа дека тој не прекршил ниту едно правило на ЕБУ, па според тоа немаат интерес да го критикуваат.

-ОГАЕ Македонија е неполитичко здружение. Во врска со последните случувања околу нашиот претставник, единствено што можеме да кажеме е дека изборот на евровизискиот претставник е задача на МРТ. Нам мисијата ни е да го поддржуваме националниот претставник. Сѐ додека ниедно правило на ЕБУ не е прекршено, не гледаме никаков интерес ниту потреба да критикуваме и да ги намалуваме неговите или нејзините шанси за успех. Стоиме на располагање на Васил, како и на сите идни претставници, да ги користат нашите совети за подобро претставување бидејќи ОГАЕ е секоја година на Евровизија и постои заради овој настан – соопштија од ОГАЕ Македонија.

Изминативе неколку дена, откако беше промовиран видео записот за евровизиската песна со која Васил Гарванлиев ќе не претстави на Евровизија 2021 во Холандија, не стивнуваат бурните реакции. На почеток јавноста реагираше поради боите на уметничката поставка изложена во Даут Пашин Амам, кои се гледаат на видеото, а потсетувале на бугарското знаме. Васил се огради од било каква намерна провокација или пак поврзаност со бугарското знаме, а за ,,Фокус” од Националната галерија изјавија дека боите на делото ненамерно биле прикачени со грешен редослед при варосување и цели пет години никој не ја забележал грешката.

повеќе

Back to top button
Close