ОН: Израел бара евакуација на 1,1 милион луѓе од северниот во јужниот дел на Газа во следните 24 часа

Израелската војска ги известила Обединетите нации (ОН) дека сите жители кои живеат северно од Вади Газа треба да се евакуираат во јужниот дел на Газа во следните 24 часа, изјави портпаролот на ОН, јавуваат светските агенции.

Вади Газа е речна долина лоцирана околу центарот на Појасот Газа, простирајќи се долж појасот и завршува во Средоземното Море. Позната е по своите крајбрежни мочуришта и биодиверзитет.

Од Обединетите нации велат дека станува збор за речиси 1,1 милион луѓе, односно половина од населението на целиот Појас Газа, пренесува Би-би-си, додавајќи дека посочената област го опфаќа густо населениот град Газа.

Предупредувањето, како што се наведува било издадено непосредно пред полноќ.

„Обединетите нации сметаат дека такво преместување на луѓе е невозможно да се случи без катастрофални хуманитарни последици“се вели во соопштението на портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.

Израел, како што пишува Би-би-си, се подготвува за копнена офанзива, трупајќи војници, тешка артилерија и тенкови на границата со Појасот Газа. Од саботата израелската војска започна со воздушни напади врз Газа по ненадејниот напад на милитантите на Хамас врз Израел.

Обединетите нации изразуваат загриженост во врска со ваквото барање на израелската војска и апелираат на укинување на наредбата за евакуација.

„ОН силно апелираат секоја таква наредба, доколку биде потврдена, да се укине, избегнувајќи го она што може да го трансформира она што веќе е трагедија во оваа катастрофална ситуација“изјави портпаролот на светската организација.

Офицерите за врска на израелската војска ги информирале лидерите на тимот на Обединетите нации во Газа за наредбата за евакуација, која, како што се наведува го вклучува и целиот персонал на ОН, како и лицата кои се засолнети во објектите на ОН, кои вклучуваат училишта, здравствени центри и клинки, пренесуваат светските медиуми.

Советот за безбедност на ОН денеска треба да одржи итен состанок во затворен формат на кој ќе се дискутира за ситуацијата.

За потсетување, петорката постојани членки на Советот за безбедност на ОН ја сочинуваат САД, Велика Британија, Кина, Русија и Франција.

По соопштението на ОН, Израел утрово излезе со одговор на соопштението на светската организација , во кој ја брани наредбата за евакуација, оценувајќи ја изјавата на меѓународната организација како срамна

Back to top button
Close