Оружјето на Мицотакис
Некој рече дека сум претерал кога напишав дека начинот на кој претседателката и премиерот го интерпретираат Преспанскиот договор, по прашањето на „името“, е рамен на објава на војна, дипломатска, се разбира. Денес, грчкиот премиер зборува за „оружјата“ кои Грција ќе ги употреби доколку нашите политичари продолжат со „истата тактика“. Значи, сепак, чекор, по чекор, се ближиме до дипломатска војна.Таа може да запре ако нашите политичари разберат дека она што е можно во внатрешната политика, особено на избори, не е можно во меѓународната политика.
Имено, дека со самото кандидирање а особено по преземањето на функциите имаат обврска да го употребуваат името Северна Македонија. Едноставно, по смената на уставното име од страна на македонското собрание, секој кој се кандидира за јавна функција треба да е на чисто со тоа.Таа, мислам, е лекцијата што Грците ќе натстојуваат да ја научат политичарите на „втората страна“.
Не случајно, четвртвековниот спор со Грција, во меѓународната јавност е познат како the name issue (прашањето за името). Тешко, емотивно прашање за кое двете влади мораат да бидат во постојана комуникација да не дојде до краток спој, зашто Преспанскиот договор не е по волја на мнозинството Грци и мнозинството Македонци. Згора на тоа, Преспа не е по волја ниту на двете владеачки партии во овој момент – ВМРО-ДПМНЕ и Нова демократија. Со други зборови, и мало невнимателно фрлено чкорче може да ги запали националните чувства на двете страни на границата. Траумите во главите на луѓето се длабоки. Не верувам дека младиот симпаричен келнер на Халкидики, едно лето пред 15 години, го сменил својот став дека нема друга Македонија освен грчка. Имено, додека зборувавме на англиски се одеше перфектно меѓу две човечки суштества кои се разбираат. Кога му кажав од каде доаѓам, како милениуми историја на сомничења, омраза, страв и војни да се срушија врз неговата глава и тој стана друг човек. Никој не може да исклучи дека негативните емоции, негови и на мнозинството кое мислат и чувствуваат како него, не би се употребиле од грчките политичари за домашни потреби како победа на избори, на пример. Нешто што веќе го направи партијата на македонските националисти.А, кога ќе ги зафати двете страни,спиралата на војната, дипломатска или каква било друга, несопирливо почнува да врти.
Очите на политичарите, аналитичарите и сите кои биле инволвирани во проблемот со името се свртени токму кон примената на тој, најважаен и за нас најболен, дел до договорот.
На конференцијата во ОН, минатиот мај, по повод 32 години од членствотл на нашата држава во светската организација, спонзорирана од нашата влада а во организација на нашиот претставник Љубомир Фрчкоски, седевме заедно со Метју Нимиц. Човекот кој со децении остана инволвиран во спорот како претставник за „името“ на повеќе генерални секретари, за надомест од еден долар месечно, имаше забелешка на моето излагање. Барем дваесет пати го употреби името „Македонија“ или „Република Македонија“, ми вели. Алудираше на фактот дека сега нашето уставно име е Република Северна Македонија, се разбира. Му објаснив дека во времињата за кои зборував, бев министер за надворешни работи на Република Македонија, но не пропуштив да напоменам дека не се работи за омилено име меѓу Македонците како и за тормозот низ кој поминавме со нашите лични документи, настрана повреденото достоинство. Кажано учтиво и пристојно, од моја страна, и свесен за моите добри намери,од негова, го сврти муабетот на „полесна тема“: неговиот втор развод, како разбрав.
Поранешната сопруга реши да го смени името „Нимиц“ од сите лични документи, ми вели. Не се сеќавам на точниот збор но сакаше да ми каже дека, во процесот, минала низ пеколот. Се насмеавме, ама некако без ентузијазам.
Денко Малески