Парче гума, искрење, лоши знаци: „Обдукција“ на 31-иот километар

Истрагата бара одговори – дали автобусот со десна страна удрил во ограда пред да му се случи одреден проблем (предизвикан од човечки, технички и сообраќаен фактор) или потоа.

  
Местото на трагедијата ан автопатот Струма во близина на селото Боснек

Тројца лекари од Институтот за судска медицина во Скопје од денеска се приклучуваат на експертскиот тим во Софија кој ќе врши обдукција и идентификација на телата на загинатите македонски државјани во автобуската несреќа во Бугарија. Дел од седумте преживеани патници и хоспитализирани во софиската болница „Пирогов“ кои се во тешка психичка состојба поради загуба на членови на семејствата, од денеска ќе добијат психолошка помош за справување со траумите, а истражните органи ќе ја бараат причината за несреќата – точната траекторијата на автобусот, дали имало растојание за сопирање и што го предизвикало пожарот.

Во истрагата со дел од информациите треба да помогне и македонското обвинителство.

„Изразивме подготвеност за соработка во обезбедување на сите докази кои се неопходни за разјаснување на сообраќајната трагедија. Со оглед дека автобусот е регистриран во РСМ, а и фирмата која го огранизирала патувањето, неопходна е соработка на двете обвинителства“ вели за ДВ Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески.

„Со нашето одење на местото на несреќата и со соработка со бугарските органи, на лице место се договоривме за пружање правна помош од македонските органи, пред сѐ, за потребата да се обезбедат билошки траги од Институтот за судска медицина за идентификација починатите и нивно поскоро пренесување во земјава”, објаснува обвинителот.

Вели дека соработката со бугарското обвинителство и досега била одлична, а со директна соработка во овој случај се избегнуваат подолги процедури доколку би тие се одвивале преку меѓународна правна помош.

Еден од другите возачи се јавил на 112

Пред одговорна задача се бугарските истражни органи, кои треба да спроведат истрага и вештачења за она што се случи минатото утро на делница од автопатот „Струма“. Доцна синоќа остатоците од опожарениот автобус беа отстранети од местото на несреќата, но не стивнуваат претпоставките за незгодата и за пожарот во автобусот на македонскиот превозник „Беса транс“ – Скопје. Според неофицијални податоци од истрагата, настраданиот автобус бил трет по редослед од вкупно четирите автобуси во истата тура на посочениот превозник и туроператор. Весникот „24 часа“ објави дека еден од шефовите на „Беса транс“ се возел во еден од другите автобуси, а за трагедијата дознал на граничниот премин Гуешево.

„Тој бил во автобусот кој се движел пред пламнатото превозно средство. На граничниот пункт пристигнал по повеќе од еден час по трагедијата. Кога таму му кажале што се случило, се шокирал. Брзо се соземал и се вратил на местото на несреќата. Таму се сретнал со премиерот Стефан Јанев, министерот за внатрешни работи Бојко Рашков и началникот на противпожарната служба Николај Николов, кои беа на местото на несреќата“, пишува весникот.

Според 24 часа, инцидентот бил забележан од еден од возачите на останатите автобуси на „Беса Транс”, кој веднаш се јавил на 112, а девет минути подоцна на терен биле три екипи со 22 пожарникари, меѓу кои и полицајци.

„Затекнавме автобус целосно зафатен во пламен, а луѓето беа починати. Затоа не влеговме внатре, гасевме однадвор”, раскажал пожарникар за „24 часа”.

Bulgarien | Busunfall

Тој објаснил дека очевидци говореле за експлозија.

„Тоа може да е и од пукање на предната десна гума на автобусот, така и од ударот во заштитната ограда“, изјавил тој.

Посочил и дека пред местото на несреќата било пронајдено парче автобуска гума. Допрва ќе се утврдува дали е од настраданиот автобус.

Ова се совпаѓа со сведочењето на патникот Љуљзим Сулејмани од Прешево, кој заедно со неговата свршеничка, Медина Љутфи (25) од кумановско Сопот, се хоспитализирани во “Пирогов“.

„Автобусот во движење удри од десната страна во банкина. Тркалата пукнаа и почна да избувнува пожар, имаше многу чад. Потоа автобусот се движеше 20 метри лево. И сам застана. Луѓето почнаа да повраќаат, да врескаат како во хорор филмови. Успеав да избегам бидејќи го зедов чеканот во автобусот и го скршив стаклото. Ја извадив свршеницата и уште пет лица“, изјави Сулејмани за ТВ „Клан”.

Недоволно осветлени знаци

Според Владимир Тодоров, член на управниот совет на Здружението „Автотехнички експерти за безбедност на патиштата“, знакот кој укажувал на исклучување за паркинг-островот бил погрешно поставен и недоволно осветлен. Според него, можно е тоа да е причина за несреќата, „бидејќи ако има отсуство на доволно светло на заштитната ограда, нагло се наоѓате во кривината кон паркингот“.

На овој аспект укажа и Дијана Русинова од Европскиот центар за транспортни политики на Бугарија. Според неа тој знак не бил правилно поставен и бил ставен премногу високо.

„Тој знак треба да се постави пониско за да се гледа подобро“, изјави таа.

Повикувајќи се на лица од истрагата, „24 часа“ пишува дека е можно возачот едноставно да не го видел работ на заштитната ограда, бидејќи т.н. мачкини очи биле извалкани и неисчистени.

Прашањата на кои треба да одговори истрагата е дали автобусот со десна страна удрил во оградата пред да му се случи одреден проблем (предизвикан од човечки, технички и сообраќаен фактор) или потоа?

Busunglück in Bulgarien

Автобусот во Бугарија влегол во понеделникот во 21.12 часот од граничниот премин Капитан Андреево, а растојанието до местото на несреќата од 304 километри го поминал за 4 часа и 51 минута.

„Според камерите од граничните пунктови и Агенцијата за патишта, истражителите можат да извлечат информации потребни за утврдување на причините за несреќата“, изјави Бојко Рановски, директор на извршната агенција „Автомобилска администрација“. Според информации од оваа агенција, од ГП „Капитан Андреево“ до местото на несреќата не биле регистрирани прекршувања на сообраќајните правила од страна на настраданиот автобус. Рановски за Бугарското национално радио изјави дека нема докази оти автобусот се движел со голема брзина и смета дека биле испочитувани сите задолжителни паузи.

Очевидци и претпоставки

Според изјави на очевидци, автобусот прво искрел, а според други горел, уште пред да удри во заштитната ограда. Некои тоа го доведуваат во врска со пронајдени пластични туби во помалку оштетениот, заден дел од автобусот, во кои се претпоставува дека била превезувана нафта. Но, сето тоа е во доменот на шпекулациите.

„Експертите ќе кажат која е причината за пожарот. И без дополнително гориво, во автобусот има дизел во резервоарот, хидраулично масло, трансмисионо масло и други, кои создаваат многу големо горивно оптоварување, за автобусот така да изгори 1 минута“, изјавил за „24 часа“ пожарникарот, кој тврди дека во неговата над 25 годишна пракса не видел таква трагедија.

Busunglück in Bulgarien

Извесно е дека не ќе може да се утврдат податоци од тахографот – техничкиот уред кој го снима движењето на автобусот, бидејќи и тој изгорел. Она што не е изгорено, се податоците за автобусот кај македонските надлежни служби. Според МВР, последната проверка на техничката исправност на автобусот била извршена на 5-ти октомври 2021 година. Но, практично овој автобус на „диво“ бил користен во меѓународниот превоз. МВР констатирало дека тој автобус не бил пријавен од страна на превозникот согласно со член 11 став 5 од Законот за превоз во патен сообраќај, поради што го немало во електронската база на податоци на Министерството за транспорт и врски. Министерот за транспорт и врски вчера соопшти дека превозникот вршел меѓународен превоз без извод од лиценца за конкретното возило, (што е обврска од Законот за превоз во патен сообраќај), поради што во тек е постапка за одземање на лиценцата за работа на превозникот. Владата го задолжила Државниот инспекторат за транспорт за изврши вонреден инспекциски надзор во компанијата „Беса транс“.

извор: ДВ

Back to top button
Close