Патот на Косово и Србија кон ЕУ ќе оди преку договорот од Охрид

Огромна чест имаше Северна Македонија тоа што градот Охрид беше локацијата на продолжување на дијалогот помеѓу Приштина и Белград за нормализација на односите помеѓу Србија и Косово. Северна Македонија е препознаена како позитивен пример, кој генерира безбедност и позитивни политики за регионот Западен Балкан, но и доверлив партнер на САД и ЕУ. Самото одржување на преговорите од дијалогот Белград-Приштина во Охрид е признание за нашата држава, за сите компромиси со кои ние ја обезбедуваме нашата евро-атланска иднина, безбедност и негувањето на демократијата како вредност. Од друга страна, дијалогот помеѓу Александар Вучиќ и Албин Курти, беше најголемиот политички настан во регионот на Западен Балкан, но веројатно и во Европа. Целата политичка јавност во регионот и Европа своето внимание го имаше насочено кон вестите кои новинарите ги продуцираа со новостите од дијалогот во Охрид.

„Без помошта на нашиот сојузник Северна Македонија, ова не би можело да се организира. Ова е само уште еден пример за тоа како тие се сигурен партнер за САД и Европската унија за постигнување регионална стабилност. Им честитам на двете страни што постигнаа тежок, но неопходен договор за да се постигне мирен однос. Ова сега ја отвора вратата за подобра и поголема европска интеграција. Го ценам големиот напор и работа на нашите европски колеги. САД ветуваат дека ќе помогнат во спроведувањето на договорот“, – изјави Габриел Ескобар.

Преговорите и продолжувањето на дијалогот помеѓу Србија и Косово се одвиваше под покровителство на Европската Унија, а со поддршка на Соединетите Американски Држави. Беше пријатно да се види како претседателот Пендаровски и премиерот Ковачевски, заедно со Борел, Лајчак и Ескобар, ги охрабруваат двете страни да постигнат успех во преговорите, базиран на визионерски и храбри одлуки. Целта на преговорите во Охрид беше да се најде начин како да се имплементира договорот прифатен на последниот состанок на високо ниво помеѓу Косово и Србија, одржан на 27 февруари во Брисел. Тоа значеше да се договорат практични чекори за тоа која страна што се треба да направи, кога и како тоа да го направи. Од овој дијалог зависат многу нешта, не само за Србија и Косово, туку за сите држави од Западниот Балкан, посебно нивната европската иднина. Очигледно е дека Западот се обидува да ги решава проблемите, кои ја попречуваат европската иднина на државите од регионот. Свесни за важноста од резултатите од овој дијалог, свој допринос во креирање на конструктивна атмосфера дадоа и Али Ахмети и Бујар Османи, во средбите со Курти, како и во средбите со претставниците на ЕУ и САД.

На крајот од долгиот преговарачки ден, Жосеп Борел кажа дека е постигнат договор помеѓу Белград и Приштина, но и стави јасно дознаење дека прифатените обврски ќе влијаат на пристапувањето на Србија и Косово кон ЕУ. Во неговиот говор ја потенцираше важноста од тоа Србија и Косово да мора да ги нормализираат односите, додавајќи дека нема друг начин за да го продолжат европскиот пат. Напредокот во преговорите го потенцираа и Курти и Вучиќ, а ЕУ веќе го објави договорот од Охрид. Курти, како и во Брисел, понуди да стави потпис на договорот, но Вучиќ очигледно дека има потреба од дополнителен маневарски простор за да го протурка договорот во Србија, а за што Западот покажува разбирање. Западот нема да има разбирање за било која од страните ако почне да се откажува од тоа што е прифатено во Брисел и Охрид.

„На овој начин двете страни ќе бидат обврзани за овој договор, кој ќе биде составен дел од европскиот пат. Ние како ЕУ, ќе ги принудуваме двете страни да ги исполнуваат обврските од овој договор, бидејќи сега ќе биде составен дел од европскиот пат. Ако не се исполни – ќе следат последици. “- кажа Борел во неговото излагање по завршувањето на преговорите.

Во Охрид, после Рамковниот договор, од чие исполнување зависеше напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, се донесе нов договор помеѓу Белград и Приштина, а од чие исполнување ќе зависи патот на Србија и Косово кон ЕУ. Овој викенд од Северна Македонија во Европа одеа вести дека сме домаќини на дијалог за решавање на регионални проблеми, а не така одамна од кај нас во регионот и Европа одеа сосема спротивни вести, како оние од “Диво насеље” и “Гошинце”. Некогаш е важно да се потсетиме и од која точка тргнавме.

Џелал Хоџиќ

претседател на СДА Македонија

 

Back to top button
Close