Перински: Министерството за локална самоуправа нема добиено известување од Општина Карпош дека градоначалникот Сотир Лукровски поднел оставка

Министерот за локална самоуптрава Златко Перински изјави дека не гледа ништо спорно тоа што градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, именувал свој заменик во Општина Карпош и тврди дека од општината не добил известување дека Лукровски поднел оставка од функцијата.

На седницата за пратенички прашања, во одговор на прашање на пратеникот Митко Трајчулески, Перински рече дека во согласност со член 52 од Законот за локална самоуправа, секој градоначалник, без исклучок, има можност да именува свој заменик од редовите на Советот на таа општина.

-А во однос на она што ме прашавте дали имам добиено оставка од страна на Општина Карпош, не го сфаќам прашањето затоа што овде не станува збор за Сотир, Златко, Трајчулевски итн. Прочитајте го законот или јас ќе ви го објаснам. Градоначалникот Сотир не поднесува оставка во Министерството за локална самоуправа туку поднесува оставка во Општина Карпош, која е должна да го извести Министерството за локална самоуправа. Јас одговорно ви тврдам дека во овој момент Министерството за локална самоуправа нема добиено известување од Општина Карпош дека градоначалникот Сотир Лукровски има поднесено оставка, рече Перински.

Back to top button
Close