Пет промени за кои никој не е подготвен кога губи блиска личност

 

Тагата го менува нашиот поглед на светот на важни начини

Повеќето од нас кога ќе настапи смртта на некој близок се шокирани, дури и во случаи кога тој или таа биле смртно болни и смртта била „очекувана“. Да се изгуби некој кој бил составен дел од секојдневниот живот може да биде трауматично и да го промени нашето целокупно живеење. И, додека повеќето луѓе очекуваат смртта на некој близок да предизвика значителни промени во нивниот живот, многумина се изненадени што дури и губењето на некој што бил периферно поврзан може да го промени животот.

Циклусот на тага и загуба ги погодува сите различно, и за многумина, постојат неколку работи што предизвикуваат длабока тага, но кои никој не може да ги предвиди – често поради нивната навидум тривијална природа. Признавајќи дека овие мали промени имаат огромно влијание помага во процесот на лекувањето од тага:та

  1. Спиење
    Едно од првите нешта каде се пројавува тагата е во спиењето. Многу луѓе кои тагуваат често се будат ноќе, имаат проблеми со заспивањето, страдаат од соништа што предизвикуваат болни емоции и доживуваат разни форми на несоница.

Рутините пред спиење драматично се менуваат, при што некои стануваат целосно различни. Некои луѓе ги менуваат местата за спиење поради тагата поврзана со враќањето во спалната соба што секогаш ја делеле со некој близок. Веќе нема кој да ве теши ноќе, нема со кого да разговарате кога ќе се разбудите од лош сон, а вашиот кревет изгледа поголем и постуден. Честопати, вашата куќа го менува карактерот ноќе и станува помалку утешна и позагрозувачка; стравувањата да се биде сам за време на темнината може да ескалираат.

Спиењето е од суштинско значење за менталното и физичкото здравје, а нарушувањата што ги предизвикува тагата во нашиот сон можат да бидат штетни. Без мирен сон ноќе, оплакувањето и надминувањето станува неверојатно предизвикувачко, па дури и безопасните дневни дразби одеднаш се претвораат во пресилни искуства. Повеќето луѓе ќе можат да управуваат со промена на распоредот, менување на нивната околина и дозволување времето да помогне при прилагодувањето. Сепак, малкумина ќе претрпат толку сериозни проблеми со спиењето по нападите на тагата што ќе им бидат потребни медицински интервенции.

 

  1. Исхрана

Тагата ни ја одзема удобноста на секојдневните рутини. Нешто „мало“ како подготовка на оброци или друштво на маса се менува кога важна личност повеќе не е присутна. Разговорите стануваат тешки, или владее тишина таму каде што некогаш имало коментари и смеа. Оброците во кои уживавте заедно, одеднаш имаат поинаков вкус. Готвењето станува обврска, наспроти можноста за заедништво или шанса да се создаде нешто посебно за споделување со саканата личност. Вечерањето на вашите бесценети места се претвора во кошмар на сурови спомени што го извртуваат искуството во нешто што треба да се избегне.

Оброците честопати се симбол на заедништво и време за повторно поврзување на семејствата, особено во контекст на зафатен живот. Кога суштински дел од семејството веќе го нема, времето на јадење може да стане искуство пред кое претстои страв и вознемиреност. Некои поединци ќе најдат утеха во рутините за време на оброкот што некогаш биле заеднички ритуал, додека други ќе ги избегнат и ќе воспостават нови рутини. Поради тоа што оброците се повторуваат секојдневно, промените што се случуваат по губење на близок човек може да бидат болен потсетник за новоформираната празнина во нашите животи.

  1. Празници

Празниците потполно се менуваат при таков наплив на тага. Традициите можат да станат празни и бесмислени; одредени традиции честопати се прекинуваат, а нивното место го заземаат нови. Болката во овој процес на заменување на саканите ритуали со непознати, е крајно вознемирувачка. Магијата на Бадник се распрснува кога ја поминувате сами. Родендените стануваат потсетник на сите прослави што повеќе нема да се одржуваат и на сите пропуштени можности. Специјални периоди во текот на годината што носеле топлина и создавале чувство на исчекување прераснуваат во празни места што бараат нови приказни.

Бидејќи тагата ни ја одзема енергијата на секое ниво, потребата за повторно воспоставување на традициите и изнаоѓање нови начини за славење на празниците честопати се губи кај луѓето кои тагуваат. Многумина од нас стануваат сенки на туѓите прослави – чувствувајќи се како натрапници кои со себе носат скршени спомени. Слично како болка во екстремитет, чувството за заедништво и желба што порано ги придружувало празниците станува тежок потсетник за изгубеното.

  1. Разговор

Толку многу од нас копнеат за тивко време, простор за да бидат сами и далеку од светот. Кога некој тагува, тивкото време може да се претвори во нивниот најблизок придружник. Онаму каде порано имало живи дискусии, разговори за секојдневниот живот, па дури и расправии, по тагата, владее смртоносна тишина.

Веќе нема „добро утро“ кога првпат ќе се разбудите и никој да не прашува дали сте добро кога изгледате нерасположени. Мали разговори со некого во текот на денот, СМС-порака, слушање на нивниот глас како ве повикува од другата соба – сите стануваат духови на минатото. Срцето може да ви потскокне од звукот на телефонот, за потоа да се сруши со сознание дека тоа никако не може да биде личноста која најмногу сакате да ја слушнете. Многу домови се исполнети со одгласи на изгубени разговори и копнеж за уште една шанса за разговор со утринско кафе или да слушнат уште една глупава училишна приказна.

Луѓето имаат вродена потреба за социјализација, иако на различни нивоа во зависност од лицето. Тагата ја краде оваа можност и се обидува да ја замени со интензивни, тешки интеракции. Лесната комуникација и размена, е заменета од грижата за вашата благосостојба и конзервирани фрази наменети да ги утешат оние што тагуваат. Удобноста на секојдневниот разговор одеднаш се елиминира, токму кога може да започне да го враќа чувството на нормалност во вашиот живот, честопати трансформирајќи ги тажните поединци во безвучни силуети кои лебдат низ нивните денови.

 

  1. Поддршка

На сите ни треба некој на наша страна. Кога тагата ни ги отапува чувствата за соработка и размена, тоа е деморализирачко. Откако губиме важна личност, одеднаш не можеме повеќе да бараме од нив мислење или да бараме нивна помош при донесување важни одлуки. Дури и помали избори, како што да облечеме или која книга следна да ја прочитаме, пропаѓаат во празнината на осаменоста. Познатиот глас кој секогаш бил подготвен да разговара, рамото на кое сме можеле да се потпреме после напорниот ден, исчезнуваат како последица на тагата. Остануваме сами со сопствените мисли, сами да ги средиме, во заглушувачка тишина.

Амбисот што ја придружува тагата е речиси органски.  Луѓето кои изгубиле близок не само што се борат да најдат нови начини да се поврзат со драстично изменетиот свет, туку тоа го прават без поддршката од која зависеле пред загубата. Замена на животен партнер, доверлив човек, сакано дете, е невозможно – како и замена за единствената улога што тие ја имале во вашиот живот.

Кога станува збор за губење на парче од себе, сè станува значајно и веќе нема тривијални промени. Само болката од будењето наутро и препознавање дека целиот ваш светоглед  се сменил може да биде поголема од било што со кое луѓето можат да се справат. Слично на тоа, секојдневните, рутински обврски и активности со кои повеќето од нас се занимаваат одеднаш се во сенка, под темно надвиснување кое ги населува нашите мисли и ги прогонува нашите постапки. Ова е едно од најтешките последици на тагата – дека дури и задача толку основна како диплење на алиштата станува неподнослива. Во битката кон лекување на тагата, од суштинско значење е жртвите да ги препознаат и да им дадат глас на овие мали загуби што предизвикуваат непредвидени и зачудувачки штети.

Џејми Кенон

извор: psychologytoday
превод: Лени Фрчкоска

 

Back to top button
Close