ПИРАМИДАЛЕН МАЗНИК
Тази гол не е гол
Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос предложи да се одигра фудбалски натпревар меѓу тим на земјите-кандидатки и земјите-членки на ЕУ. На комисиска расправа во Европскиот парламент таа рече дека „треба да вклучиме мека моќ во хардкор процесот на проширување кој се содржи од поглавја, одредници и кластери“.
А бе, ако е до фудбал работатава, ќе играме и фудбал ако треба. Ние и оро пред амбасадите игравме за визи, па фудбал не ќе сме играле.
Туку, на што ќе личи тој натпревар? И каде ќе се игра за да биде на неутрален терен? Илон Маск ќе биде судија, а Трамп, Путин и Шји Џинпинг ќе бидат делегати. И што правиме ако победиме? Ќе нѐ примат ли тогаш? Оти, приклучувањето кон ЕУ се темели врз основа на заслуги. Да, да… Така е.
Како да не. Ќе преговараме за секој гол. И ќе чекаме 27 земји-членки да постигнат консензус дали голот важи.
Замислете, Христијан Мицкоски да даде гол. Леле, ќе треба тоа да се издржи. Од телевизија нема да се симне, има да се збори, ќе се прави детална анализа од сите агли на дадениот гол. Ќе треба да се преживее тој историски успех на македонската робустна диломатија.
Само што, се плашам дека дури и да даде гол, Бугарите нема да го признаат голот на Мицкоски. Ќе кажат „тази гол не е гол“ и ќе ни акнат уште едно вето.
Од декември 2005 година сме земја- кандидатка за членство во ЕУ. Кај и да е, ќе славиме јубилејни 20 години како успешно нѐ дриблаат.
5 Бурекчилница во Битола им нудела на купувачите да им го намести парето во мазникот што традиционално се врти за верскиот празник Василица. Се верува дека кому ќе му падне парето, ќе има среќа, ама современите текови на животот ги смениле обичаите, па некаде на тој што ќе му се падне парето и другите му даваат пари.
Битола е позната по пирамидални измами. Па така, по пропаднатите штедилници „ТАТ“ и „Лавци“ од крајот на минатиот и почетокот на овој век, сега има и пирамидален мазник. Народната песна вели дека „среќата со пари не се купува“, ама не е лошо да имаш ем среќа со паричка во лебот, ем парички во џебот.
Не станува збор за некој тежок криминал. За морал овојпат не отвараме муабет. Ама во суштина, покажува дека нашите луѓе не гледат ништо лошо во мамење, па макар тоа било и за банална причина како што е вртење мазник за верски настан. Затоа, не е ни чудо дека триесет години и државата и народот не ги краде само тој што не пробал да краде.
Ама, за тоа никој не ни е крив. Каков народ, таква држава.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК