ПОА на Вранишковски припоена кон МПЦ-ОА – официјалната одлука треба да ја потврди Синодот на состанок на 20 јуни
Православната охридска архиепископија (ПОА) на Јован Вранишковски денеска беше припоена со Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) за време на светата архиерејска литургија во црквата „Света Софија“ во Охрид.

Литургијата со која чиноначелствуваа поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан и поглаварот на Српската православна црква (СПЦ) г.г. Порфириј се одржува по повод годишнината од врачувањето на актот за афтокефалност кој минатата година српскиот патријарх му го врачи на архиепископот охридски и македонски, со што се стави крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.

Сепак, припојувањето на Православната охридска архиепископија со Македонската православна црква – Охридска архиепископија сè уште не е официјализирано, а за да се објави официјално прво треба да се потврди на седница на Синодот на МПЦ-ОА што ќе се одржи на 20 јуни.
„Ќе има синодска седница и тоа официјално ќе го објавиме. Има одлука ама не е верификувана. Со службата се потврдува припојувањето, но треба официјално да се потврди на седница во полн состав на Светиот архиерејски синод, која ќе се случи на 20. овој месец“,рече во куса изјава за медиумите митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј.
На денешната литургија, Синодот на МПЦ-ОА го одликува српскиот партријарх со орден на Свети Кимент Охридски од прв ред, за покажаната љубов кон нашата црква. Поглаварот Порфириј, пак, се заблагодари за добиеното одличје и кажа дека е радосен што денеска е во Охрид, напоменувајќи дека во храмот „Света Софија“ служел српски патријарх и пред 100 години.