Пратениците на Левица се приклучуваат кон интерпелацијата на Јовески поднесена од албанската опозиција

Интерпелацијата за работата на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески ја поднесоа пратеници од Алтернатива, Беса и Демократско движење поради, како што соопштија, неговата нетранспарентност во врска со судскиот предмет за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица

Двајцата пратеници од опозициската Левица соопштија дека се приклучуваат кон интерпелацијата против републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, која пред две недели беше поднесена од група пратеници од албанскиот опозициски блок во парламентот, а чија поддршка најави и ВМРО-ДПМНЕ.

Интерпелацијата за работата на Јовески ја поднесоа пратеници од Алтернатива, Беса и Демократско движење поради, како што соопштија, неговата нетранспарентност во врска со судскиот предмет за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица.

Во соопштението во кое информираат дека се приклучуваат кон интерпелацијата, од Левица обвинуваат дека Јовески e поставен на чело на републичкото јавно обвинителство за да го прикрива, како што велат, крупниот организиран криминал, а институцијата ја довел на ниво на карикатура.

„Неговата поспаност во трагичните случаи ‘Дурмо Турс’, ‘Беса Транс’, модуларна болница Тетово, Клиниката за онкологија и многу други, само ги потврдуваат впечатоците на јавноста дека дотичниот лик, кој никогаш во животот не застапувал обвинение пред суд, не е способен да ја врши оваа важна правосудна функција, па наместо него беше оставено истражувачки новинари да ја работат работата за која се платени истражителите и обвинителите – што е недопустливо“ се наведува во соопштението од Левица.

Од партијата ги повикаа и останатите пратеници да ја поддржат интерпелацијата и го повикаа собранискиот спикер Талат Џафери во најскоро време да ја стави како точка на дневен ред.

Интерпелацијата против републичкиот обвинител Јовески, поднесена од албанската опозиција, најави дека ќе ја поддржи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Прашан дали ќе ја поддржат интерпелацијата, лидерот на партијата Христијан Мицкоски, пред две недели изјави дека ВМРО-ДПМНЕ може да поддржи секаква интерпелација и оти ќе поддржи сè што е во насока на побрзо заминување на актуелната Влада.

Back to top button
Close