„Прекини го молкот“ – специјален сајт за грчкото #metoo

– „Прекини го молкот“ и „Заедно го прекинуваме молкот“ се централните слогани на новиот сајт формиран од Владата за грчкото #metoo, односно за жртвите и појавите на сексуално насилство и сексуална злоупотреба, тема која е актуелна во Грција во изминатиот период, јави дописничката на МИА од Атина.

Целта на сајтот е граѓаните да се информираат за прашањата поврзани со сексуалното вознемирување, злоупотреба и насилство од претпоставените и начините за справување, но и за поднесување пријави од жртви.

-Ако си претрпел сексуално насилство или насилство од претпоставените на работа, во спортот, во образованието, во културата, во семејството. Молкот ги заштитува сторителите. Прекини го молкот. Не си сама. Не си сам. Сите сме покрај тебе. Заедно го прекинуваме молкот. Me too Greece, е пораката во промотивното видео што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис го објави на социјалните мрежи, веднаш по неговиот говор во Парламентот и најавата на специјалниот сајт.

Сексуалниот скандал со актерот, режисерот и поранешниот уметнички директор на Националниот театар на Грција, јавните исповеди во земјата на жртви на сексуално насилство и сексуална злоупотреба и последните случувања околу конкретната тема во јавниот дијалог во Грција се главните теми на денешната расправа во грчкиот Парламент на ниво на лидери на партиите.

Мицотакис од собраниската говорница најави иницијативи на Владата како што се промени во Кривичниот законик за кривични дела против малолетници; формирање на специјален регистар за сите оние што работат со деца и се во контакт со деца, односно тренери, вработени во детски кампови, во бегалски центри и сл и ќе биде во соработка со Министерството за правда; воведување од септември предмет сексуално образование во сите училишта, како и лансирање на сајтот metoo.gov.gr.

Back to top button
Close