Пригожин со закана кон Макрон: Со клешти да ги извадиме скапаните заби од тие одвратни усти!

Националното собрание на Франција во вторникот гласаше за прогласување на руската паравоена единица Вагнер за терористичка организација.

Сите присутни пратеници, вкупно 331 од нив, гласаа за необврзувачката резолуција, со која се повикува ЕУ да го вклучи Вагнер на списокот на терористички групи и да примени законски мерки за оневозможување на финансиската активност на организацијата во Европа.

Во април минатата година ЕУ го санкционираше самиот лидер на Вагнер, Евгениј Пригожин, а поканата на францускиот парламент дополнително го иритираше.

Коментирајќи ја таа одлука, Пригожин синоќа директно му се закани на францускиот претседател Емануел Макрон.

Пригожин тврдеше дека Вагнер ги спасува луѓето во Централна Африка од француските војници, каде Вагнер стекна силно упориште и го истисна француското присуство, кое „едноставно го исмеваше“ локалното население.

„Можеме со клешти да ги извадиме скапаните заби од таа одвратна уста. Можеме да ги извадиме забите на Макрон и, воопшто, забите на секој што истура болна нечистотија за Вагнер“ – додаде Пригожин.

 

Во својот апел до Унијата, француските пратеници изјавија дека Вагнерците „не се само платеници, туку дека имаат волја да масакрираат цивили за политичка корист и да ги дестабилизираат институциите“.

Платениците на Вагнер презедоа активна улога во целосната инвазија на Кремљ на Украина и покрај тековниот јавен политички конфликт меѓу Пригожин и руските претставници на одбраната.

Back to top button
Close