Пригожин: Во борбите околу Бахмут загинаа околу 10.000 затвореници ангажирани од „Вагнер“

Околу 10.000 од 50.000 регрутирани затвореници во руските затвори загинале во Украина, борејќи се на првата линија на фронтот во крвавата битка за Бахмут, призна лидерот и основач на платеничката група „Вагнер“, Евгениј Пригожин.

-Избрав 50.000 затвореници, од кои 20 отсто загинаа, рече Пригожин во интервју објавено синоќа од блогерот близок до Кремљ, Константин Долгов.

Пригожин, исто така, кажа дека во борбите кај Бахмут загинале и приближно исто толку професионални војници, без да го прецизира нивниот број.

Според него, украинските загуби се многу поголеми.

-Имам три пати помалку мртви и (…) околу двојно помалку ранети, рече шефот на платениците од „Вагнер“.

Со оваа признание Пригожин за првпат отворено проговори за размерите на загубите на неговата група, додека на руска страна се прави се за да не се открие бројот на загинатите и ранетите.

Руската војска последен пат објави податоци во септември 2022 година, кога соопшти за 5.900 мртви во своите редови.

Во доверливите американски документи што неодамна добија јавност, се наведува дека руските загуби на 1 март биле меѓу 35.500 и 43.500 лица, а украинските загуби меѓу 16.000 и 17.500, но оваа проценка е невозможно да се потврди.

Пригожин, и самиот затвореник за време на советската ера, минатата година регрутираше затвореници, ветувајќи им укинување на казната доколку ја преживеат војната.

Киев тврди дека за време на битката за Бахмут, вагнеровците извршувале речиси самоубиствени напади на украинската одбранбена линија, при што загинале голем број.

Пригожин на неколку пати го обвинуваше руското воено раководство дека не му ги снабдувало потребното оружје и муниција за да се спречат тешките загуби.

Групата Вагнер и руската армија од минатиот викенд тврдат дека целосно го зазеле Бахмут, што Киев го негира.

Пригожин изминативе два дена јасно кажа дека неговите сили ќе се повлечат од градот до 1 јуни и ќе ги препуштат позициите на редовната руска армија

Back to top button
Close